Утринско кафе со Олгица Николовска: Детските насмевки се мојот главен мотив

Денот ми почнува со подготовка за работните обврски кои ме очекуваат и најчесто е исполнет со многу содржини.Рано наутро пијам часа вода со лимон, па следува лесен појадок и голема шолја нес кафе.


Во работен ден во кафето уживам потполно сама со своите мисли, а во викендите кафето е редовен ритуал во друштво со синот и сопругот. Во тие мигови ги разменуваме нашите размислувања како да се помине викендот и кои се плановите за наредната недела.Второто и последно кафе во денот го пијам со моите колеги на работа, по правило тоа е турско кафе, кое во пријатен амбиент ми е една од омилените паузи меѓу два прегледи.


Мојата главна мотивација се детските насмевки, детската среќа и здравјето.На децата сум го посветила целиот свој живот,од моите почетоци како млад лекар до денешен ден како специјалист педијатар.


Дневните планови и обврски се повторуваат секојдневно на работното место, детскиот плач,детската наивност, чистите  насмевки и благодарност, како кај децата, така и кај нивните родители, ми ја исполнуваат душата и срцето. Работата ми е задоволство, а не обврска.Обврските почнуваат дома кога секојдневните работи кои мора да се направат за мене се рутински и монотони, но улогата на сопруга и мајка е уште една професија која најчесто го исполнува вториот дел од денот.Секој ден со нетрпение ги очекувам повиците од Америка од моите две ќерки Сара и Симона, кои веќе две години живеат и работат во Колорадо, САД.


Е вечерта можеби ми е најрелаксираниот дел од денот. Си ја посветувам себеси и на моето семејство. Обично два пати неделно излегуваме со пријателите, понекогаш пешачиме покрај Вардар, а често сите заедно гледаме некој добар филм или слушаме добра музика.


Доколку ми дозволува времето, најсреќна сум да се дружам со некоја добра книга. Во изминативе години многу од слободното време  го користев за читање, а сега некако повеќе читам стручна литература, затоа што во медицината секој ден има некакви новитети и достигнувања, кои треба редовно да се пратат.


*Д-р Олгица Николовска, специјалист педијатар