Утринско кафе со Орце Гелевски: Јас сум среќен дедичко на две прекрасни внуки

Сакам колку што е можно да останам присебен во ова време невреме,реално ја согледувам целата ситуација и со целосно почитување на мерките што побрзо да ја надминеме оваа крајно лоша атмосфера.

За жал, оваа Ковид-19 пандемија комплетно ќе го промени начинот на живеење и ние ќе треба што поскоро да се навикнеме и да го прифатиме сето тоа.

Јас сум оптимист и мислам дека наскоро ќе се вратиме во нормалните текови и во убавите моменти на животот. Но за сé ова е потребна позитивна мотивација и водилка во животот. Тоа го имам покрај себе - прекрасно семејство и убава работа исполнета со музика, песна и голем број пријатели.

Секако дека целата оваа ситуација присутна е и во работните организации, така е и во мојата Македонска Радио Телевизија, каде што сепак се трудиме во новите услови да продолжиме да ги реализираме нашите обврски.

Познато е, за мене лично, целиот мој работен стаж, досега околу 36 години во МРТ - посветен е на народната музика и навистина се чувствувам горд што сето ова време го посветив на оваа мошне значајна материја за македонскиот народ, за македонската култура. Се надевам дека со сé она што имам дадено досега, имам барем мал придонес во негувањето, создавањето и афирмацијата на фолклорот и фолклорната традиција. Да потсетам на некои проекти и емисии: престижната манифестација „Фолк хит на годината“ и „Фолк хит на деценијата“, популарните емисии „Иселенички џубокс“, „Плетенка“, „Патувај песно“ и моментално „Фолк џубокс“, уметнички директор на „Тетовски фолк фест“, 15 - тина години уметнички директор на „Фолк фест Валандово“, водител на јубилејни концерти на доајените на македонската песна - Александар Сариевски и Васка Илева и многу други емисии,проекти и концерти.

Моментално покрај другите обврски во Забавната редакција на МТВ, пред сé сум преокупиран околу емисијата „Фолк џубокс“, околу уредувањето на содржините и учесниците во емисијата, која неколку години доста успешно ја водиме со мојата прекрасна колешка Тања Петровска. И нормално, првото утринско кафе во текот на работните денови го пијам со моите колеги и колешки, со кои навистина имам убава соработка и со кои пред сé разговараме и коментираме за нашите проекти, за нашите емисии,за убавите реакции, но нормално и за проблемите, со кои сите ние се среќаваме и како сето тоа да го решиме и надминеме.

Од друга страна, слободните денови за време на викендите резервирани се пред сé за во кругот на моето семејство. За среќа со моита два сина, за кои сакам да истакнам дека сум навистина горд татко, тие се веќе фамилијарни луѓе, и со нив живееме во близина и речиси сме постојано заедно, посебно во ова време кога треба да им се помогне околу нивните ќеркички - нашите две прекрасни принцези - Калина и Јана, кои навистина ги променија нашите животи во улога на дедо и баба! И секако сосема е точна онаа констатација дека внуците, како да се сакаат повеќе од своите деца. Како млади како да немавме доволно време за нив и сега сета топлина, сета љубов им ја даруваме на нашите две мали прекрасни внуки од кои ја добивам најголемата мотивација, енергија, радост,среќа - едноставно тоа чувство не може да се опише !

Пак ќе се навратам на оваа ситуација со Ковид-19, која на мене очигледно многу влијае околу рекреацијата и на другарувањата со моите пријатели. Имено, јас сум голем љубител на фудбалот, на спортот. Како млад дури и активно играв фудбал, а до почетокот на пандемијата со мои пријатели доста често рекреативно спортувавме и се дружевме. Тоа навистина доста ми недостасува, како и кафе- средбите и контактите со голем број пријатели, пред се’ од естрадата, со кои имавме постојано теми и интересни разговори за случувањата, за новите песни, проекти, фестивали, настапи, за естрадната сцена. Едноставно тоа беше убав повод за интересни средби. Но јас, уште еднаш сакам да потенцирам дека сум оптимист и се надевам дека сето ова повторно ќе се врати.

На секој од нас очигледно потребен му е малку мир, спокојство, опуштеност со убава музика, филм или книга на крајот на денот и во текот на неделата. Многу малку време останува за сето ова, но сепак сакам да слушам убава музика, да прочитам книга со интересна соржина и да бидам искрен, години наназад неможам да наидам на филм кој ќе ми го привлече вниманието, како порано со незаменливата филмска класика и филмови со историска содржина. Затоа моментите со убава книга се почести во моето слободно време.

Сакам да истакнам дека секој период од животот има свои убавини, така и мојот, во кој се чуствувам убаво, пред сéво улога на исполнет и среќен „дедичко“ со моите две прекрасни внуки и во кругот на моите најмили и најблиски !


(*Орце Гелевски- водител на музички емисии)