Утринско кафе со Павлинка Синдраковска: Пешачењето наутро ми дава енергија за целиот ден

Денот ми почнува многу рано, будење во 5 часот после што следува подготовка за пешачење кое во последните 6 месеци го правам утрински секое утро без исклучок од 5.30ч до 7 часот наутро. Тоа е време за себе и сфатив дека истото всушност ми претставува одличен утрински бустер, преубаво будење за да се има енергија за текот на целиот ден. Кафе не пијам редовно, но утрински имам пракса да се напијам чај и тоа е најчесто во канцеларија по пристигнување на работа и започнување на работниот ден. За викенд обожавам чајот да го пијам дома со сопругот бидејќи викендот е без итање и брзање уште од сабајле. Тогаш ритуалот е после пешачење сопругот спрема чај и го користиме времето за план за викендот кој ни предстои а најчесто гледаме да го искористиме квалитетно со нашите две деца.


Ме мотивира позитивна мисла, кога целта која ми е поставена е јасна и тогаш со сите мои ресурси барам начин да ја остварам. Веќе споменав дека утринското пешачење ми е мотиватор за денот и енергијата која ме следи во текот на целиот ден. Воедно ме мотивира убава книга. Сфатив дека за успешно градење на кариера неопходни се две работи: 1. Континуирано да се вложува во сопственото образование (знаење) и своите вештини како и 2. Да се верува во своите идеи, своите способности и да не се плашиме да пробаме.

Мое животно мото е – Единствено нешто што не дели од успехот е само стравот од евентуалниот неуспех. Затоа да веруваме во себе и во својот успех и да ги прифаќаме предизвиците.


Во текот на работната недела дневните обврски се своевиден ритуал – од 08 до 16 часот е активното траење на работниот ден целосно насочен кон работните активности и покрај тоа што за нас банкарите веќе нема ограничувања секако сме достапни и на располагање за совет и консултација за нашите клиенти без малку 24/7. Понеделник е ден за поставување на планираните активнсоти за текот на целата работна недела, состаноци кои ќе се направат, посети кои ќе се реализираат и чекори кои треба да се преземат. Во текот на неделата има цело време координација со цел да се остане на зацртаниот план и да се остави најмалку планираното.  Среќа е што си ја сакам работата па задоволство е да се доаѓа на работа – дополнително сум благодарана на мојот тим затоа што со нивни инпут и посветеност заеднички ги реализраме потавените цели.


Секако денот завршува во кругот на семејството сопругот и двете деца – 11 годишниот Тео и 7 годишната Тина. Вечерта најчесто поминува во домашни обврски, одговарање на прашањата од неуморните Тео и Тина и помагање околу нивните домашни задачи. Убаво е кога се има време навечер да се прекрши ритуалот и да има малку слободно време па тогаш знаеме да додадеме некоја заедничка активност – редење слагалици, вежбање или други друштвени игри.


Искрено и двете работи ги сакам но ако треба да приоритизирам тогаш читањето книга би добило предност. И двете ми прават особено задоволство и секогаш гледам за викенд да уживаме сите во добар филм а во текот на неделата јас наоѓам малку време за себе и некоја добра книга.


(*Павлинка Синдраковска – Раководител на Охридска Банка експозитура Струмица)