Утринско кафе со Пенка Мукаетова: Утрата за мене се драгоцени

Утрата за мене се драгоцени. Од причина што секогаш станувам пред 06:00 часот, првото утринско кафе го пијам сама. Тоа ми дава можност во мир и тишина да можам да се подготвам за денот кој ми претстои, да направам план на активности и да ги дефинирам приоритетите по кои ќе треба да се водам.

Покрај утринското кафе, се трудам како ритуал да го воведам и вежбањето и здравиот појадок.


Највкусно за мене е кафето кое го пијам во канцеларија, заедно со мојот тим, разменувајќи идеи за денот што следи.

Мотивацијата за мене е повеќеизворна. Една од најголемите мотивации секако е мојата работа. Секојдневно се будам исполнета со енергија и желба за постојано подобрување и чекорење напред. Пронаоѓам убавина во правните предизвици кои ги надминуваме со насмевка, во новите проекти од кои сме дел, а кои ја подобруваат економската и бизнис климата во Македонија преку зацврстување на микро, малите и средни претпријатија, како и преку унапредување на женското претприемништво.


Ме мотивираат и членовите на мојот тим, кои непрекинато и неуморно даваат сè од себе, работат со непокорлива амбиција и експертиза, а резултат на нашиот заеднички ангажман е фактот дека КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП е предводник на полето на обезбедување правни услуги.

Мотивација пронаоѓам и во животните стории на инспиративни луѓе кои постигнале успех со труд и напорна работа.

Конечно, моите пријатели и моето семејство се непресушна мотивација и инспирација, во секој аспект од мојот живот.

Моето секојдневие никогаш не е еднообразно. Секој ден со себе си носи сопствена агенда. Вообичаено, сакам да ги посветам утринските часови за состаноци со мојот тим со цел заеднички да ги испланираме дневните приоритети и задачи. Потоа, преку денот се одржуваат средби со клиенти и соработници. Често посетуваме и организираме обуки, трибини, предавања, семинари, па понекогаш дневните задачи се концентрирани околу тие настани. Обврските секогаш варираат, но, исполнувањето на секоја од нив носи огромна сатисфакција.

Вечерите секогаш ми се условени од дневните обврски. Понекогаш уживам да останам дома, со инспиративна книга покрај мене. Но, често сум со пријателите, во домашна атмосфера или во некој од скопските ресторани, за со смеа и анегдоти да го испратиме тековниот ден.


Би сакала да го заменам зборчето „или“ во прашањето со сврзникот „и“. Обожавам книги и многу често вечерите ми завршуваат со пишан збор пред мене. Го сакам чувството на внесеност во страниците на некоја добра книга.

Но, исто така, љубител сум на кинематографската уметност и сакам да гледам филмови.

Заклучно, одговорот на ова прашање многу често ќе зависи од моето моментално расположение.