Утринско кафе со Росана Јанков: Ниту една цел не ми е висока

Денот ми почнува со бакнеж од ќерка ми Лара и гушка од Макс (Бушон фризе, нашиот најсакан). Утринското кафе сакам да си го испијам сама, ако сум дома на тераса, а ако сум на работа со релаксирана музика и со моите почитувани колешки и колеги. Кога утрински ќе го зграпчам денот со убава и позитивна енергија, летам со најголема посветеност кон работата. Во текот на денот знам да се напијам уште едно кафе заедно со тимот на АМСМ и да уживам.

Ме мотивира Лара, мојата среќа, но и животот и предизвикот во ова време невреме да испливам достоинствено кои моите цели. Мојот пат е трнлив и не секој го изодува, но мојата крајна цел е чиста и јасна. Хороскопски дупла скорпија кога ќе постави цел, таа секогаш за многумина изгледа многу висока, но за мене е предизвик за да си докажам дека скалите од поглавје до поглавје треба да бидат што повеќе мотивирачки. Знам дека најголемата поддршка и мотив ми е нана Убавка од Калифорнија која е редок пример на човек кој вешто си го чувам и негувам.

Агендата ја правам зависно од  проектите кои ги работиме. Периодов сум фокусирана кон тековни активности, но и кон подготовка на ПР кампањата за безбедност со која треба да аплицираме во ФИА (Светската автомобилистичка федерација) која има гранд програми. Ангажираноста на мојот тим е голема, но голема е и желбата да успееме да ги убедиме да ни ја ко-финасираат кампањата за безбедност, за да можеме и локално да делуваме со истата. Мојата посветеност, прецизност и професионалност се секогаш на ниво на задачата за тоа што во одреден период ми е фокус.

Во однос на приватниот живот, несомнено на прво место е Лара и тековните обврски поврзани со незиното школување и воннаставните активности. Секако, тука се и заедничките прошетки со Макс кои ни овозможуваат, мене и на Лара, секојдневно пешачење, но воедно и разговори и другарување меѓу мајка и ќерка. Откако ќе завршат обврските се релаксирам со добра книга, со добра музика. 

Ако гледам филм, во првите 15 минути заспивам, ретко кога сум изгледала филм до крај. Во однос на книга, секогаш имам време барем една страница да прочитам по максимално напорен работен ден. Во моментов ја читам Опра Винфри и има многу да се научи. Читам и стручна литература за ПР и сакам да се надградувам бидејќи самата работа бара постојани промени, бара вложување во себе. Особено честите гостувања на ТВ екраните покрај добриот изглед бараат и богат речник, добра структура на реченица, објаснување во куси црти, познавање на материјата. Но, за мене ништо не е тешко, тоа само ме мотивира секој ден да сум подобра.Така и во животот.

(Росана Јанков- портпарол во АМСМ)