Утринско кафе со Сања Ристиќ: Ме мотивира да го гледам Иан како расте и се смее
Утрото го почнувам со половина час гушкајќи го Иан и радувајќи се на новиот ден. Првото утринско кафе го пијам најчесто со моите драги колеги.
Немам некоја голема динамика на планови и обврски од ден на ден. Периодов претежно секој ден си ги има истите активности. Прво одиме во градинка, потоа јас на работа. По завршувањето на работните обврски се посветувам на фамилијарни активности, кога можам одам на јога и рано си легнувам.
Ме мотивира секој позитивен резултат од моите планови. Ме мотивира да го гледам Иан како расте и се смее, ме мотивираат успешни, позитивни и насмеани лица, а најмногу искрени пријатели кои се покрај мене и во добрите, но и во помалку добрите денови..
Со оглед дека тато Дејан игра оваа сезона во клуб во Битола, јас и Ианче
сме сами. Вечерите си ги користиме да се подружиме со пријателите, да
прошетаме, да се изнаиграме и како што вели добро познатата „9 во кревет“ е неизбежено домашно правило.
Потоа мама има малку време да се посвети на себе, да поработи на инстаграм профилот на кој сакам да споделувам убави совети за здравје и здрава исхрана и да подготвам што е потребно за следниот ден.
Многу сакам да читам, но се помалку имам време за тоа. Последна убава книга што ја прочитав е Many Lives, Many Masters. Што се однесува до филмот, искрено не се сеќавам кога последен пат сме пуштиле филм и сум успеала да го изгледам до крај без да заспијам во првите 20 минути (се смее).
* Сања Ристиќ, маркетинг директор на Park Hotel & Spa