Утринско кафе со Саша Шотаровски: Пијам кафе со истакнати маалски фраери

Добивај вести на Viber

Велат дека со годините луѓето се будат се порано, но мислам дека тоа за мене не важи. За жал, морам рано да станам затоа што ќерка ми донесе мала пудлица, се изнаслика со неа на Инстаграм и за Фејсбук, и сега јас ја чувам и ја шетам 24 часа. 

Заедно одиме во „Бифе Тафталиџе“  и во права маалска атмосфера со "истакнати маалски адвокати, режисери и фраери" го пијам кафето кое е две. Едно е ладно нес а другото јако еспресо. На масата сме сите рамноправни но Ацо берберот е шеф. Ем е најстар ем ни ги знае сите тајни. 

Правењето планови и договори за нови промоции и изложби го дроби денот на мали парчиња и малку време останува за добра книга или филм. Ќе да е до годините но постојано препрочитувам три книги: „Мостот на Дрина“, „Буденброкови“ и „Пиреј“. Дали дека се мои ама Ана Бунтевска и Тихомир Јанчовски си ги препрочитувам постојано и се „поише“ ме бендисуат. Со нетрпение ја чекам новата книга на Ксенија Николова и се радувам што „Мадам"прерасна во сериозен писател. Од вести се бранам со "Сиеста" и со „Ловец на елени“.

Денот оди на спиење со најдоброто мерло на Бапчо и нормално една промашена „утакмица“ на ливчето ,но со надеж дека ќе ја „напраиме“ големата изложба на Лепи , дека Дијано ќе го убедам да изложи цртежите.

Саша Шотаровски, менаџер за културни настани