Утринско кафе со Силвана Мучиќ- Плевнеш: Пишувам книга со благодарници

Денот ми почнува така што го подготвувам своето прво утринско кафе, и сакам да ги имам првите 10 или 15 минути само за себе си. Потоа, времето го делам со Влатко и со мојата ќерка која сега на среќа е тука, и се заблагодарувам за новото утро, за нештата околу нас, за тоа што сме здрави и живи.

Ме мотивира апсолутно сѐ, погледот на на нештата околу себе, затоа што во сѐ наоѓам љубов, во секој предмет, во секое растение. Ми дава мотивација да ги подобрувам нештата околу себе. Мотив ми е моето сонце, мојата ќерка и сопругот, децата на мојот брат, и вистинското сонце кое не грее. 

Моите обврски секојдневно се разликуваат. Некогаш имам повеќе време за медитација и за духовно надградување, некогаш помалку. Сега се посветени на подговка на нашиот мјузикл  „Ромален“ , ќе се одржи во старата скопска чаршија, во Сули Ан од 20 часот, во петок, на 5 октомври. Ги содржи најубавите , светски, ромски романси. Сега сме фокусирани на тонска проба, костимска проба, затоа што имаме 15 луѓе на сцената. 

Вечерите знам да ги поминам со пријатели и со роднини, во друштво. Биоритамот со многуте настапи низ годините ни е сменет, јас сум ноќна птица. Навечер, знам да седнам во некое мое катче дома или во дворот и да пишувам благодарници. Еве веќе подолго време пишувам благодарници за сонцето што грее, за воздухот што го дишеме, за детскиот џагор, за сите нешта кои не прават среќни, за плодовите од мојата кариера. Имам веќе цела една книга напишано со благодарници. Навечер, се донесувам себе си во една таква, медитаивна состојба. 

Обожавам да читам, најмногу литература за личен развој, и цитати од големи мудреци, и не поминува вечер да не прочитам барем неколку страници. Уживам да гледам хумористични серии и моите омилени „Истрага на местото на злосторството“, „Вовед во анатомија“, тоа многу ме одмара навечер кога немам настап.