Утринско кафе со Славица Кувенџиева: Тргнувам со насмевка и позитивна енергија да го освојам денот

Денот ми започнува со насмевка, позитивна мисла и здрав енергетски напиток подготвен од свежи продукти во блендер.


Кафето доаѓа малку подоцна кога ќе пристигнам на работа, и го пијам додека со колегите ги дефинираме работните обврски. Доколку е викенд тогаш кафето се пие во кругот на драги пријатели во некое од кафулињата во Дебар маало.


Ме мотивираат многу нешта: вистински цели, добри идеи, позитивни луѓе со визија, убав сончев ден, добра енергија. Но секое утро пред сѐ го барам мотивот во себе. Тргнувам со насмевка и позитивна енергија да го освојам денот.


Во 8:30 сум веќе на работа, и трката со многуте активности и проекти почнува. Како Директор за информатичка технологија на ТАВ технологии, заедно со мојот одличен тим се грижам за повеќе од дваесетина комплексни системи и нивна интеграција на нашите два аеродроми во Македонија, а како координатор за меѓународни проекти на холдингот во Истанбул многу често работам на нашите проекти и тендери на аеродромите во Саудиска Арабија, Бахреин, Абу Даби.


Работниот ден некогаш завршува во 17ч, некогаш подоцна, а некогаш и не завршува. Но јас скоро секој ден наоѓам време за некое убаво случување со блиските пријатели по завршување на работните обврски. Секогаш стигнувам да отидам на концерт, претстава, ревија, ручек со пријатели, пијалок во кафуле, посета на клуб. Секако мојот син е центарот на мојот свет и кога е тука имаме многу заеднички активност, а кога е назад на студии во Холандија, нема вечер а да не разговараме за случувањата на денот, да си поделиме некој совет, да најдеме решение за некој проблем или едноставно да добијам препорака од него за добар филм кој ќе ми прави друштво доцна во ноќта.


Секако, добра книга или добар филм се моето омилено друштво кога сум сама.

*Славица Кувенџиева – Директор за Информатичка Технологија и Координатор за Меѓународни проекти во ТАВ Технологии