Утринско кафе со Софија Перковска: Работните часови си ги планирам самата

Денот ми започнува некаде пред седум часот, кога ќе засвири алармот со песната „Shape of you“ на познатиот Ed Sheeran, будење нарачано од децата инспирација за побрзо станување и спремање за тековниот ден. Како мајка на две деца тие се на прво место, бидејќи обврските кон нив се најбитни, одење на училиште и во градинка, па така моето прво утринско кафе започнува некаде по девет часот и најчесто го пијам сама.

Во последно време најмногу ме мотивира моето хоби, подготовка на магичните теглички, кое започна некако непланирано и од ден во ден оди по нагорна линија за кое верувам ако продолжи вака како досега ќе прерасне во бизнис. Некако си се пронајдов, а кога работите со желба и љубов сето тоа води кон успех.

Од скоро не сум врзана со полно работно време, па така денот и работните часови си ги планирам јас. Креатор сум на нешто ново кај нас на пазарот, нешто необично и интересно, можам да кажам дека веќе се и познати иако постојат една година и половина. Се работи за декоративни теглички познати како „Магични Теглички“ кои служат за пакување. Па така моментално обврските ми се околу нив, а секако и идните планови за нив.

По целодневните обврски околу моите нарачки и новите идеи околу тегличките денот завршува секако со фамилијата, дали се тоа прошетки или максимално трошење енергија на лулашки, возење велосипед, тротинет.. Вечерта ни завршува со многу потрошена енергија. 

Многу често гледаме филм сите фамилијарно заедно и тоа некако ни стана како ритуал, а на книгите најверојатно ке им се вратам кога ќе ми пораснат децата, бидејќи сум љубител. Кога сакам да прочитам нешто квалитетно сакам тоа да биде некако во мое интимно катче. 

* Софија Перковска, дизајнер на „Магични теглички“