Утринско кафе со Софија Петковска: Имам домашна библиотека со над 1000 книги

Најпрвин здраво и добро утро на сите вас во Женски магазин и голем поздрав до сите ваши читатели. Јас денот го започнувам многу рано, веќе во 6 часот сум будна и го пијам моето прво утринско кафе во друштво на моето синче Јосиф. Утринското кафе мора секогаш да е топло, ниту благо, ниту горко, златна средина и секако турско.


Најголемата сила за успешно да ги завршам сите обврски и најголемата мотивација за реализирање на сите мои идеи и исполнување на сите мои желби е токму мојот син Јосиф.
Исто така, веќе скоро 4 години сум активна на полето на пишувањето, поконкретно, поезијата, имам напишано книга со наслов ,,Поетски нежности" и своја официјална фејсбук страница ,,Поезија на Софија" каде ги објавувам моите песни и секој убав збор од читателите, секоја добиена награда за мојот книжевен труд ме прави среќна, горда и ме мотивира за се' повеќе и повеќе да творам, а верувајте тоа е нешто што ме исполнува и го правам со огромна љубов.


Најголемиот дел од денот го поминувам во игри и грижа околу син ми, кој наскоро ќе полни 2 години. Остатокот од денот, наоѓам време за себе, а најчесто слушам музика, вежбам, пишувам или читам книга.
Во текот на денот и вечерта следам што е актуелно на социјалните мрежи, разговарам со моите пријатели, читам книга или гледам филм понекогаш и секако игри и дружби со синчето.


Порано многу гледав филмови, но сега со обврските кои си ги носи со себе денот, немам време за тоа, многу ретко.  Но, затоа секогаш одвојувам време за да прочитам добра книга или да напишам песна. Обожавам да читам. Имам домашна библиотека со над 1000 книги и книгите се мојата огромна љубов, а најчесто читам филозофски, психолошки книги или трилери.


(*Софија Петковска- автор на книгата „Поетски нежности")