Утринско кафе со Соња Јаневска: Ме мотивира вложувањето во професионалниот развој на колегите од мојот тим

Ранобудник сум и секое утро го почнувам со јога и кратка медитација. По овие активности сум расонета и полна со енергија и не ми е потребно да пијам кафе. Кафето го менувам за чај кој го пијам на работа со колегите.

Ме мотивираат вредни и остроумни луѓе и луѓе кои постојано „работат” на себе. Ме мотивира грижата за другите и вложувањето во професионалниот развој на колегите од мојот тим. Мотивацијата за напорните работни денови ја наоѓам во задоволството по завршените проекти.

Ме мотивираат и долгите семејни разговори кои се многу честа практика во нашето семејство. Горда сум што со сопругот пораснавме и воспитавме две амбициозни млади девојки кои знаат да уживаат во животот.

По природа сум многу организирана личност и работните денови и викендите ми се испланирани однапред. Но најубави ми се спонтаните случки кои ме изместуваат од колосек.

По завршување на работните обврски пред пандемијата одев дома кратко да се одморам и ако немав часови по јога најчесто бев на театарска претстава, концерт или кино во придружба на пријателки или помалата ќерка. Сега пробувам да се привикнувам на новата нормала и на сè што таа носи. За викендите доколку немаме испланирано патување низ нашата прекрасна Македонија одиме во викенд куќата во Соње.   

Со сопругот уживаме да гледаме филмови на домашното кино во интимна атмосфера. Што се однесува до читањето, голем љубител сум на книги и најчесто читам пред да заспијам бидејќи на тој начин ги оттргнувам мислите од сите настани во денот. 

(* Соња Јаневска- финансова директорка во Diners Club Macedonia)