Утринско кафе со Стефан Давидовски: Ме мотивира енергијата од публиката на настапите

Најчесто денот го започнувам околу 9 часот со утринско кафе во кругот на семејството , кога и го правам дневниот план за работните обврски. Денот особено ми го исполнуваат и подготовките на новите музички проекти кои се надевам дека ќе се реализираат во брза иднина, а за време на викендите често се случува и денот да ми започне и подоцна поради вечерните настапи. 

Најмногу ме мотивира позитивната енергија и луѓе околу мене кои ми се голема поддршка за се она што го работам и создавам. Исто така ме мотивира и одличната енергија која ја добивам од сите оние кои присуствуваат на моите настапи. 

Со оглед на тоа дека основав старт ап компанија, денот во текот на работната недела ми е исполнет со обврските кои ги носи самата компанија каде заедно со партнерите се справуваме со предизвиците кои ги носи истата. 

Денот во текот на работната недела најчесто ми завршува повторно со семејството или со најблиските пријатели проследено со добра дружба или добар филм,а во текот на викендот ноќите ми се исполнети со настапи во локалите низ Македонија. Најчесто сакам да читам мотивациони книги, но многу повеќе сакам да гледам акциони, комедии или анимимирани филмови кои ме опуштаат.

Стефан Давидовски, пејач