Утринско кафе со Стефанија Трајческа: Јас сум личност која потекнува од обично скромно семејство, сè е резултат на самата себе

Алармот ме буди околу 8 часот. Првото утринско кафе го посветувам сама на себе си, со внимание и пропратно со план за денот кој што следува. Најчесто сакам да се слушнам со мајка ми, татко ми и баба ми, кои живеат во Струга и за жал не се дел од моето секојдневиe, но се трудам секој слободен момент да го искористам за нив.

Ме мотивираат пред сè луѓе кои постигнале се сами. Не како резултат на тато и мама, презиме и име, љубовник, сопруг итн. Силно ме мотивираат, затоа сум тука на моите 24 години. Со сопствен бизнис, автомобил, сопствен стан, реализирани од мојот труд, знаење, храброст и пожртвуваност. Јас сум личност која потекнува од обично скромно семејство, сè е резултат на самата себе. Сум добивала многу животни удари, кои ги сметам за уште поголема мотивација. Како клучна мотивација ги ставам моите задоволни деца и родители, кои секојдневно ме мотивираат да бидам уште подобар терапевт кој неуморно се вложува за сите деца.

Секој ден имам по некоја нова обврска. Обично, вежбам, доколку имам некоја реклама за снимање, ја завршувам и со сета моја љубов и енергија се упатувам кон мојот топол втор дом Тимот А - Центар за рана интервенција и стимулација на деца и возрасни. Обично прегледите и проценките за моите клиенти ги правам во понеделник, а останатите денови спроведувам само третмани.

Покрај сестра ми, Стефи два во помала верзија, не би сакала да откријам за кој точно се работи, сè што можам да кажам е дека денот ми завршува среќно со личност која беспрекорно ми значи. Секогаш дефинитивно избирам книга, мотивирачка пред сè. Филм бирам само кога се работи за љубовна вечер со партнер.


(* Стефанија Трајческа- дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор; Основач и управител на Центар за рана интервенција и стимулација на деца и возрасни „Тимот А“)