УТРИНСКО КАФЕ СО СВЕТЛАНА ЦРНОКРАК: Книга сакам повеќе од филм

Денот ми почнува како и секогаш со рано будење, будејќи Нина рано се буди. Но, понекогаш ме остава и 15-20 минути да си поспијам. Првото кафе најчесто го пијам со Мики дома, правејќи план за тековните работни обврски, со тоа што јас пијам кафе, а тој цеден сок.

Многу работи ме мотивираат и ме исполнуваат. Тргнувајќи од домот, семејството и децата како првенствени двигатели во мојот живот. Работата ме мотивира, и слободните часови во денот кои гледам максимално да ги искористам или за себе, или за семејството или за пријателите.

Главно утринските часови се насочени кон децата и кон домот како мајка и сопруга, а потоа започнуваат оние работни околу модното студио „Црнокрак“, сѐ до ручекот кога најчесто сум дома. Вечерта доколку не сум на работа во „Алсат“  ТВ, каде што веќе четири години работам и е мој втор дом, тогаш сум резервирана за семејството или за дружба со пријателите.

Како што кажав претходно, вечерта ако не е работна, најчесто е посветена на домот и на семејството. Повеќе сум љубител на добра книга отколку на филм.  Да, читам книги кога имам слободно време и се разбира обожавам да одам во кино, да изгледам некое добро филмче, дома обично не го догледувам до крај, заспивам.