Утринско кафе со Тамара Волческа: Се чувствувам дека живеам неколку животи паралелно

Првото кафе ми е стартна мотивација за почеток на денот. Тоа значи дека денот започнува со убава шолја турско кафе и добра музика во позадина. Зависно од работните обврски, некогаш тој мирис го делам со драга личност од моето секојдневие и максимално искористување на утринското сонце, а некогаш уживам сама во истото полнејќи батерии за продуктивност во денот и енергија за целата динамика во која живеам. 

Ме мотивира љубовта, новите животни предизвици, луѓето, блиските, роднините, внатрешниот глас во мене кога сам ги реди коцките за нови сознанија и свест. Ме мотивира и болката, разочарувањето, како нормални животни појави. Едноставно сум сунѓер и впивам сѐ околу себе.

Се чувствувам дека живеам неколку животи паралелно и носам различни идентитети. Јас сум и ќерка и постара сестра, човек, борец, војник, пријател, уметник, текстописец и уште многу други титули кои ги живеам секојдневно. Така да, моите дневни планови и обврски се распоредени според моите приоритети, што всушност денес ќе бидам? Се разбира, за сѐ од наведеното вложувам максимална животна енергија.

Периодов сакам кога е потивко. Избрани луѓе, насмеани лица, споделување на чувства и животни цели, чаша вино, музика, домашна атмосфера. Или квалитетно и со причина потрошено гориво низ улиците на Скопје слушајќи музика и пеење на цел глас.

Не би можела да направам поделба, добрите филмови ми ги будат сетилата, особено ако е убаво склопена криминалистичка мистерија, а книгите од психолошки карактер ми се аларм за свеста и поттик за патот по кој сакам да одам.

(*Тамара Волческа, воено лице)