Утринско кафе со Тања Богоевска: Кафето ми е најслатко во рачно изработена чаша

Денот ми почнува најубаво на светот. Со бакнеж од мојот петгодишен годишен син кој од раѓање е ранобудник и станува пред сите, не бакнува и тивко си игра додека да станеме. Ова е во последно време, првите 3 години сите, вклучително и нашето куче и маче станувавме со него во 6 или 5 часот наутро.

Кога навистина ќе се разбудам (околу 7:30 часот),секогаш  ме облева чувство на благодарност и откако ќе ги изгушкам сите по дома ми почнува утринскиот ритуал во друштво на изгушканите. Пијам многу вода бидејќи се чувствувам убаво и енергично кога органите ми се хидрирани, а потоа следи кафето кое ми е најслатко во рачно изработена чаша. Понекогаш ми треба да се штипнам за да се уверам дека сум будна. 

11111111.jpg

Имам чувство дека го живеам мојот сон. И приватно, и професионално.

Работата, резултатите од истата, луѓето кои ги запознавам, насмевките на клиентите(кои во најголем број се деца) и семејството ми се главна мотивација,  полначи на енергија и двигатели во животот.

Дневните планови и обврски ми се скоро секогаш различни. Во суштина уживам и со радост и возбуда ги реализирам (барем повеќето од нив) Со тек на годините научив да си простувам себеси доколку не реализирам се во денот, но и да направам најмногу што можам во дадениот момент. Многу ни е важно ова да му го пренесеме и на нашиот син за понатаму во животот да се бори за тоа што го сака, да не се откажува и да ги следи своите соништа.

11111111111.jpg

Фото: Иван Момировски

Во моментов работам паралелно на неколку проекти и секојдневието ми е комбинација од различни задачки; Се спремаме и за отварање на нашето ново ателје за керамика на кое работевме цело лето;  Подготвувам изложба со женската уметничка група МОМИ за што секојдневно се ангажирам; Работам на нова колекција керамики и едвај чекам да почнам со креативни работилници сезонава за кои што ја подготвувам програмата.

Во секојдневие, морам да ги споменам и нашите “направи сам” проекти кои постојано се во тек и редовно постирам фотографии од процесот за инспирација и мотивација на инстаграм. Уште кога почнавме да живееме заедно со мојот сега сопруг, решивме се да си правиме сами, арно ама не знаевме дека работата на куќа нема крај :)))))).

Нашата куќичка е наше среќно место кое зрачи со енергијата која сме ја вложиле во него, место кое постојано се менува и надградува паралелно со нас.

000.jpg

Токму тука, во нашиот дом најчесто го поминуваме крајот на денот. Кога времето е убаво седиме во дворче со мојот сакан  и се релаксираме, правиме планови, зборуваме како ни поминал денот. Понекогаш сакаме да прочитаме некоја убава книга, да изгледаме интересно филмче  или да уживаме во друштво на драги пријатели. Често попладнечки правиме нешто креативно со синчето, обично изработуваме играчки од рециклирачки материјали, сликаме со бои, вајаме со глина итн. Најновата занимација ни е пинг-понг каде сите сме вклучени. Изгубената топка ја демне и брка нашиот мачор, додека кучето се стрчува накај мачорот да си играат а детето трча накај нив за да го спаси топчето и така се додека не ни снема топчиња и енергија, па одиме на гушкање, спиење и така со ред.

00.jpg

П.С.  Кога го препрочитав текстов, гледам дека многу позитивен излегол. ☺ Не дека немаме поголеми или помали предизвици во текот на денот, но одамна свесно донесовме одлука дека ќе се фокусираме кон работите кои не движат, а сега гледам дека до некаде сме успеале во тоа.

* Тања Богоевска, сопственик ка креативното катче „Керакамика“