Утринско кафе со Татјана Алексиќ: Место кафе, пијам чаеви за возрасни

Денот ми почнува хумано. Се будам во 6:20 ч и првин „фрлам“ поглед кон моите синови , дали се на вообичаено место, потоа го гледам својот лик во огледало пред и после очовечувањето, по пат низ станот се разминувам со сопругот и свекрвата, со хуманитарен однос за предимство на постарите при разминувањето и судирот на интереси во кујната. Хуманоста продолжува во автобусот, со кој се возам до гимназијата Корчагин, гледам многу луѓе и се уште ослободувам место на пензионерите. Ги поздравувам колегите во канцеларија и во 7:30ч влегувам на час во полна училница млади луѓе. Со толку многу луѓе да се видиш наутро е хуман, човечки почеток на денот. Кафе не пијам, пијам чаеви за возрасни ( за жолчка, желудник, миоми, бубрези) и какао во култното Ван Гог кафе, проверено најдобро.  


Во природата ми е креативноста, а креативните луѓе и во малите нешта, често невидливи за остатокот од светот, гледаат мотивација. И еден збор може да ми поттикне мотивација, секако ако не е деструктивен, еден гест, ситуација, предмет, суштество, апстракт... Голема мотивација ми се децата, нивната љубов и потреба од мене, мислам на моите деца, мислам на учениците , мислам на сите деца околу мене. Нема поискрени суштества од нив, секогаш ги мотивирам да ме критикуваат за да работам врз себе, да си ги поправам грешките. Најголемиот мотив, мотив над мотивите е љубовта, мојот компас низ животот, мојот воздух и храна, кога ја чувствувам јас живеам. 

Секојдневни обрски на една мајка, сопруга и снаа во моето потесно семејство. Имам  татко кој живее во Сокобања и кој ме воспитал да немам обрски кон него, туку чиста ќеркинска љубов, доволно да биде насмеан старец. Планирам да му го славам стотиот роденден. Планирањето часови ми е рутина, пренесување знаење на учениците ми е обврска, а мотивирање за осознавање и креирање вештини , ми е задоволство. Од скоро пишувам рубрики за списанието „Леона“, семејно списание на 104 страници и моја нова страница од професионалниот живот. Многу се радувам што во мојата учителска маленкост некој препознал новинарски вештини. И за „Леона“ планирам славење на многу родендени, секако , ако и читачката публика низ Македонија ја препознае нејзината содржина. 

Навечер веќе не сум толку хумана туку уморна. Ако сакате се да е како што треба и да функционирате на многу полиња, вечерта себично ја чувате за себе и својот мир. Обично молчам, а читањето и пишувањето ми се како миење заби и туширање. Имам едно скриено ментално катче на дружење со своите мисли, пред заспивање, перницата и прекривката ми се неми содружници кои никогаш не ме издаваат. 

Сакам, многу сакам и книги и филмови. Порано знаев да дадам пари и на „тапкароши“ ако не успеам редовно да си го купам билетот. Како девојка , мислам дека шест пати го гледав „Брилијантин“ во Кино Вардар, со неудобни дрвени столици, седнати со колена до брада од теснотија, со поминат „стоматолошки “ преглед на влезот за да се провери да не си ја скрил мастиката во некој дупка од забите, а пуканки или семки беа ерес и можеше комотно да те исфрлат фатен на дело кога грицкаш. Но јас уживав, дури и со трииполчасовна проекција на филмот „Беше еднаш во Америка“ . Љубов е тоа, се трпи. Сега имаме комодитет за гледање филмови, уживање во удобни кино сали и домашен амбиент. А за книгите имам грижа на совест што нема да стасам да ги прочитам, кус е животниот век за да кажеш дека си доволно начитан. 

* Татјана Алексиќ, професор по македонски јазик во гимназијата Корчагин