Утринско кафе со Татјана Гогоска: Неостварена желба ми е да работам на голем телевизиски проект

Денот отсекогаш ми почнува со кафе, уште од првите студентски денови. Мислам дека околу матурата почнав да пијам редовно кафе и затоа, што и да правам утрото, кафето е неизбежен дел од мојот дневен ритуал. Веќе четири години, првото кафе го пијам скоро секогаш сама , откако всушност и живеам сама, иако морам да признам веќе тешко ми паѓа. Инаку синот и ќерката од многу мали ги научив да пијат кафе токму да ми прават друштво, но тие пораснаа си имаат свои семејства. Утринското кафе остана да го пијам сама,засега .

Во тек на денот ме мотивираат нештата кои ми се приоритет. Секогаш правам распоред на обврските затоа што некако постојано ги имам премногу, без разлика какви и да се.

Општо во животот ме мотивираат две нешта кои и покрај сите незадоволства и разочарувања сеуште ги негувам како дел од себе а тоа се љубовта и добрината. Ако некогаш премногу сум се разочарувала и повекувала, зошто обично луѓето не возвраќаат со иста мерка, сега на овие години се сфаќам поинаку и сепак овие две мотивирачки чувства ќе останат дел од мене. Секое добро дело, добар збор, дадена љубов, има своја смисла. Не можев да го разберам мојот татко кој ми велеше „Направи добрина ,заборави ја“ , „Сакај ги луѓето иако не заслужуваат, и не тагувај“.

Не можев да го разберам како успева, но еве сега јас дојдов до таа точка на емотивно созревање.      

Веќе спомнав секогаш некако имам многу обврски. Последниве осум месеци бев преокупирана со промена на дом, продажба ,купувања, други семејни премногу обврски и целосно насочена кон нив до таа мерка што и професијата ја запоставив. Тоа беше мој избор, но добро ми дојде.

Сега откако се преселив и таа страница од животната книга ја затворив се обидувам да фатам нов професионален ритам, иако знам дека не сум на виситнската патека за мене .

Денот најчесто ми завршува дома. Ретко излегувам, оваа година како и повеќемината впрочем. Обично правам некои креативни работи кои ме релаксираат ако сум сама, а сакам да ми доаѓаат гости, пријатели, блиски, повеќе отколку што јас сакам да одам некаде.

Понекогаш ми годи кога излегувам на вечера или на кафе муабет ама не сакам да е тоа пречесто , веќе ме заморува, изгледа до годините е. Одам со сестра ми во кино, театар или на некој концерт редовно, таа е задолжена за тој дел .

Но, најсреќна сум кога сум со внуците Петра и Дени ,ако сум со нив се има повеќе смисла. Со Петра која веќе се движи низ 4-тата година сме best friend но и Дени си има многу важен дел кој радосно го исполнуваме заедно. Тие ми се искри кои ми ја палат и најзаспаната емоција во мене.

И книгата и филмот ми се поврзани со професијата т.е. со она што најмногу сакам и најдобро знам да го правам –пишувањето и авторството. Последниве три години некако со книгите не сум во љубов, бидејќи сум автор на седум објавени и две необјавени книги. Ообјавувањето ќе биде во текот на оваа 2021 година на двете книги. Овој период ниту пишував ниту читав.

Но, нештата сигурно ќе се сменат, почуствував деновиве некоја креативна раздвиженост. Овој период повеќе сакав добар филм и одредени серии кои ме опседнаа професионално. Имено мојата најголема неостварена авторска желба е да работам на голем телевизиски проект со тим сценаристи, која тешко дека овде ќе ми се оствари, бидејќи не се работат такви проекти а и да се работат не сакаат луѓе со искуство и знаење, кај нас изборот оди по други принципи.

Сепак животната патека на секој е некако предодредена ,само треба со многу сили и крената глава да ја поминува и нормално во клучните моменти да знае да донесе правилни животни одлуки.

(*Татјана Гогоска, магистар по комуникациски науки , новинар и автор)