Утринско кафе со Татјана Гогоска: Внуката ме враќа во детството на моите деца

Секој ден ми започнува со утринското кафе, кое задолжително го пијам дома. Така што и да одам на пат и да треба многу рано да излезам не пропуштам првото кафе да го испијам дома. Последниве две години откако живеам сама го пијам воглавно сама, а дотогаш, синот и ќерката ги научив од многу мали да пијат кафе и го пиев со години со нив.

Ме мотивира новиот ден и обврските или задоволствата кои ми претстојат. Секогаш во секоја завршена обврска чуствувам нов предизвик. И нестрпливо, понекогаш се прашувам зошто сум нестрплива толку и покрај годините што го менуваат човекот, ама тоа е дел од мене. Ме мотивира некоја средба, некој разговор, некоја вест која ме прави среќна. Едноставно текот на животот ме мотивира.

Наназад 20-тина години, обврските за следниот ден ги пишувам одвечер, се разбира тие што ги знам, а често излегува нешто непредвидено. И кога сум постојано вработена, одам на работа, но секогаш имам нешто плус да направам. Дали да напишам, дали да поразговарам, дали нешто да истрчам. Едноставно секогаш некако имам многу обврски и планови, а кога имам нормален обем, ми изгледа денот дека е празен. Сега во период кога сум фриленсер, работам на проекти и пишувам, согласно тоа што налага проектот така се организирам.

Вечерта ја поминувам најчесто во прошетки. Сакам да пешачам, па макар и по „загаден воздух“.  Порано повеќе сакав да се дружам навечер, некое кафе, муабет, сега некако најубаво ми е движење со добро друштво или пак уживање со моите најмили .Во последнава година и пол мојот универзум стана поголем откака во него дојде мојата прва внука Петра и уживам да сум со неа. Таа ме враќа во детството на моите деца, а препознавам и некои раскажани случувања од моето детство и едноставно ако вечерта ја минувам со неа тоа ми е најубаво и најзабавно.

Читањето на книги беше моја опсесија до пред три години. Сега не читам толку, повремено некоја многу добра книга која ми е препорачана. А секоја вечер задолжително гледам филм или епизода од некоја серија. Имам свои фаворити канали  (HBO, Fox, AXN и од балканските Хрватската  RTL 2 ). Како сценарист и телевизиски човек голема професионална неостварена желба ми беше да бидам дел од тимот на некоја таква серија. Можеби затоа толку и ги гледам. Но, којзнае предизвиците се пред мене на тоа поле.


(Татјана Гогоска- сценаристот и творец на голем број серии за деца и возрасни)