Утринско кафе со Татјана Христовска-Качоровска: Кај нас дома, табу теми нема.

Добивај вести на Viber

Најбитно ми е ноќта да сум ја отспала добро. Ако е тој предуслов исполнет, сè ми оди од рака, семоќна сум! Имам два типа утра: работни и викендашки (ќе зборувам за пред ковид времето, оваа година е целата матна и не сакам да ја прифатам за нормална). Првиве ми се убави оти сум поорганизирана, коцкичките во главата ми се посредени, си ги знам обврските. Доколку часовите ми почнуваат наутро, брзински се подготвувам, дома гужва, расправии за тоа кој прв влегува да се тушира, малку тензија, кој станал на лева, кој на десна нога... Пијам вода со цеден лимон и тргам. Во 7 сум веќе излезена. Се поздравувам со уличните кучиња и мачки и го фаќам патот. Врвам низ мирните дебармаалски сокаци, гледам во дворовите од куќите, ги гледам дрвјата, ги гледам трендафилите... и без исклучок, секој ден си мислам колку си го сакам градот, особено наутро кога е тивок. 

Стасувам на работа, варам кафенце или си купувам и го пијам на час со моите ученици. Ги размрдувам сабајлечки и разговараме за книги и за сенешто со тие млади, златни луѓе кои ми ја облагодаруваат душата. Токму тие ме мотивираат! Им ја „крадам" енергијата, ја впивам и им ја давам мојата за возврат. Кога ќе ги видам тие умни очи што ме гледаат и го "пијат" секој мој збор, добивам инспирација за мудрување и за делење лекции од живот. Стално си велам: „Тања, не заборавај да бидеш благодарна што работиш работа што те прави среќна." И така, радположена си одам дома да си го видам семејството.

Им се радувам на моите. Со ќерките, тие наши две девојки, толку различни, а толку исти, муабетиме и дискутираме и дебатираме и паметуваме и кај нас дома, табу теми нема. За сè се зборува, за сè! Се караме, викаме да не чуе цело маало, па се мириме. Се лутиме и се сакаме. Навечер, тие со татко им си гледаат филмчиња, јас си читкам. Или пишувам. Многу сакам да пишувам, внатрешен порив имам да го оправам светот, да реагирам на нелогичности, "ме јаде црвот", ако одмолчам некоја неправда се чувствувам неетично, виновно, ме болат болките на обичниот, незаштитен човек, ме боли тоа што државава никако да се оправи, ме боли што во овој Универзум никако да завладее Доброто, ме боли несвесноста и неосвестеноста на луѓето. И се нервирам и зборувам, пишувам... Божем ќе го оправам светот. Знам дека нема, ама сепак нема да замолчам и нема да престанам да ги исправам кривите Дрини.

(*Татјана Христовска-Качоровска, професорка по македонски јазик и литература)