Утринско кафе со Татјана Стојаноска Иванова: Книгите се моја духовна храна

Денот ми започнува со насмевка, бидејќи насмевката буди едно пријатно чувство и колку денот да е временски лош или сте имале лоши сни, насмевката ќе ги отргне сите негативни мисли и ќе му посака убав ден на новото утро. Инаку сум ноќна птица, творам навечер, кога градот спие, кога имам потполна мир и тишина и затоа утрото за мене значи 9 часот. Имам ритуал на почетокот на секој ден барем 15 минути во кревет си правам рекапитулар на она што поминало и замисла за новиот ден. Потоа неизбежниот свеж сок кој морам да признаам дека ми го прави сопругот и најубавото нес кафе кое е направено од него, секако придружено со убава музика која ме рсположува сабајлечки.


Ме мотивираат многу нешта, едноставни мисли, убави пораки, успеси на работно поле, ме мотивираат внуките, од сестра ми,  Ана, и од девер ми Мелани. Доволно е да и го чујам гласчето на Ана  со она нејзино препознатливо Тетка ти те сакам или Мелани со зборовите нино да се консултираме и тоа ме воздигнува до облаци. Но секако најголем мотиватор ми е љубовта која ме вдахновува и оплотува,и без лажна скромност ќе потенцирам дека  секојдневно со неа ме опсипува и потхранува  мојот сопруг Мишко.

Секој ден е приказна за себе, но вообичаено е подготовка на предавања, посебно денес е значајно катадневно да биете во чекор со новитетите и промените што се случуваат, бидејќи јас како социолог мора да будам кај студентите мисла и размисла за современите социолошки теми и феномени. Дефинитивно последниве месеци сум дел од реформите во образованието, посебно кога станува збор за граѓанското образование и тоа ми чини дополнително вложена енергија за нештата да бидат добро сработени. Работа на проекти, во моментот и привршување на два меѓународни труда и книга и секако дека неизбежно за мене е макар на кратко да ги чујам луѓето кои ми значат, а за време на викенд и да одделам време за нив.

Денот ми завршува наутро, хаха, обично пред 1 не легнувам, пишувам, пребарувам, а некогаш и размислувам сама, изолирана, посебно ако некоја животно значајна тема бара одговор од мене. Вечерите за време на викенд сакам да ги минам во друштво, хедонист сум, сакам да зготвам специјалитет и со најблиските да го вкусиме. Секако дека одам и на престави во театрите, чест посетител сум на  МОБ и филхармонија, а не ретко сакам да изгледам и некој убав филм. Но има и денови кога сакам да се осамам само со сопругот и одиме на наши убави места, покрај езеро, планина, и тоа ме полни со енергија.


Книгите се моја духовна храна или како што често се шегуваат со мене моите блиски, за роденден освен книга сакаш друг поклон, хаха. Обожувам да читам и покрај стручна литература во мојата библиотека секогаш се и најновите бестселери. Обично на моето масиче покрај кревет стојат по неколку книги отворени и паралелно знам да читам во зависност од расположението . Не помнам ноќ, а да не прочитам барем неколку страни од книга, тоа ми е навика од дете, која ми ја всади мајка ми и до ден денес таа навика не ја заборавам.


*Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова - Институт за социологија/Филозофски факултет-Скопје