Утринско кафе со Татјана Стојановска: Не уживам во среден дом, туку во разговор со домашните

Денот најчесто ми започнува со утринско трчање од 5 км, идеален начин да го наполниш телото со енергија. Станувам секогаш рано и пред 8 часот завршувам со тренингот и се подготвувам за работните обврски. Никогаш не пијам кафе пред физичка активност, многу попријатно ми е неговото консумирање потоа. Го користам моментот на пиење кафе за започнување на работниот ден, односно краток разговор за вовед во обврските со соработниците. Не започнувам рано со работните обврски, обично е тоа околу 9 часот.

Мотив кој ме води во денот е прецртувањето на зададените обврски. Секогаш денот го започнувам со план за обврски во точки и се чуствувам исполнета како една по една ги прецртувам. Не си дозволувам да си зададам премногу обврски, сепак, мотивацијата е комплетно исполнување на истите, значи комплетно прецртана агенда на крајот од работното време, а понекогаш и на крајот од денот. Праксата на прецртани обврски ја користам и во приватните обврски.

Мојата работа е доста статична, канцелариска. Обврските најчесто ми се врзани со документација и многу голем дел од денот сум пред компјутер. Уживам кога ми се пружа можност да сум надвор од канцеларија и да сум во контакт со коминтенти. Работните обврки обично не дозволувам да ми го продолжат работното време, секогаш кога можам завршувам со крај на работното време и ги оставам зад себе до наредниот ден.

По работното време се посветувам комплетно на домашните обврски или подобро кажано, задоволства. Се обидувам обврските по дома да ги сведам на минимум, не уживам во среден дом, туку во пријатен разговор со домашните. Моите деца не се во Македонија и за мене е празник кога се тука и можам да го посветам времето на дружба со нив. Во останатите прилики се трудам максимално да ги одржувам контактите со пријателите, мислам дека тоа е најважниот сегмент за исполнет живот.

Во последно време искрено се посветив на граѓански активности кои доста ме ангажираат, но сепак се трудам да најдам време и за чашка пијалок со луѓето кои ми значат.

Книгата долг период беше моја пасија, специјално одев на саем за книги во Белград на кој се снабдував со голем број наслови кои ми ја покриваа цела година. И ден денес уживам да читам на српски јазик, навика од младоста. Сепак, со време, со моето поголемо ангажирање и со спортувањето (учествувам често на трки)  и со граѓанските активности, го намалив читањето на ретки моменти кога сум навечер дома сама. Филмови многу ретко гледам, а и кога ќе се решам на тоа, претпочитам да биде тоа во кино, за едно комплетно доживување.


( Татјана Стојановска - Заменик директор и сопственик на фирмата „Sping-Plus“ )