Утринско кафе со Теа Богатинова: Ја обожавам мојата работа

Првото кафе го пијам дури после пладне (штом завршам со вежбање), а утрото го почнувам со лимонада:) Сокот од свежо цеден лимон, зачинет со мед и цимет е мојата утринска движечка сила. Теретаната ми е релативно нова навика, на која многу ѝ се радувам и ги уживам бенефициите од физички активниот почеток на денот.


Мотивација ми се децата и детскиот свет! Веќе подолго време работам со деца и тоа како диригент на детските хорови ФАЛСЕТО и Фалсето Јуниор при културно-едукативниот центар КРЕАТИВ и како наставник по пијано и пеење во музичкото училиште Ентерпрајз. Ја обожавам мојата работа! Тотално ме плени дружбата со деца, нивната индивидуалност, брзиот раст и развој, нивните желби и пориви за музика… 


Ме инспирираат детските искрени насмевки, смешните изговори кога немаат навежбано и не се подготвени за час, а најмногу црпам инспирација од чистата и несебично голема љубов што ми ја пружаат, како и од напредокот што го постигнуваат. Недостатокот на детска музичка литература пак, ме поттикнува и мотивира да компонирам за деца, да правам за нив приспособени аранжмани на песни кои тие ги сакаат (од денес популарните игри, цртани, филмови…) со цел да им го доближам она што треба да го научат и музички да ги описменам, a при тоа да бидат задоволни и со исполнети желби, изведувајќи музика која ним им е блиска. Иако тешко се постигнува баланс со новите генерации, мојот најголем предизвик е да допрам до нив и да ги „заразам“ со потребата да станат вистински музички уметници, или во најмала рака - вљубеници во музиката. Најголема сатисфакција ми е кога среќни излегуваат од училница! Па всушност ете, така ми минува денот, а ден по ден и неделата - со деца:) Едни испраќам, други пречекувам, свириме, пееме, учиме и се забавуваме. А кога на крајот од денот со сите џивџани ќе се изгушкам и испратам, исполнета (истовремено и мртва гладна и уморна) си заминувам дома, каде ме чека мојот „ново печен“ сопруг со вечера и топло какао за пред спиење. 


Не ретко знаеме навечер да си пуштиме филмче или да се успиеме со некоја интересна емисија на National Geographic. Во единствениот слободен ден недела, се дружиме со внукичка Марија, одиме во парк или на Водно, ручече во кафеанче и подготовки за нова турбо седмица…


*Теа Богатинова- композитор, диригент и наставник по пеење и клавир