Утринско кафе со Валентин Петрески: Утрото ми е најинспиративно

Денот ми почнува рано, најдоцна 7:30 часот. Не сакам да пропуштам ниту еден миг од утрото, уживам во рано „зграпчениот“ ден. Чаша вода со половина исцеден лимон и лажица ленено масло е „добро утро“ ритуал секој ден, потоа мало прелистување на сите нотификации, пораки и сл. и време е за утринска енергија. Задолжително правам смути од свежо овошје и го пијам додека почнувам со средување на дел од обврските. Половина час подоцна веќе го правам и првото утринско кафе, го пијам сам - дома а веќе второто е со колегите или пријателите. Паралелно веќе го правам планот што и како ќе се распределат обврските. Утрото ми е најинспиративно и за цртање, бидејќи едноставно си одморен. Поголемиот дел од нарачките на Тиноски ги средувам тогаш а потоа се подготвувам за вториот мој предизвик од пред некој месец, емисијата Урбан таг на Тв 21.


Ме мотивира сонце, кога го има. Кога не - го измислувам:) Сакам кога ќе се разбудам со убави пораки на Тиноски пријателите. Обично комуникацијата со нив е постојана, но најактивна наутро кога сите се одморени и веќе ги имаат на ум сите желби и идеи. Ме мотивираат сите предизвици кои треба да се остварат во текот на денот. Луѓето со кои треба да се видам или да остваруваме заеднички зацртани цели, пријателите, соработниците. Секој ден е нов предизвик, но задолжителни обврски е изработката на нарачки од Тиноски, испорака на истите, состаноци со идни соработници, подготовки за пладневното шоу Урбан таг на Тв 21 кое се емитува секој ден од 17:10 во живо и правење концепт за следниот ден.

Денот завршува или со добар филм, или со повторно навраќање на Тиноски креативните моменти или со некоја убава вечера низ град со блиските, голем гурман сум.

Да бидам искрен не сум имал никогаш посебна желба да седнам наменски да гледам филм, освен кога случајно ќе ми се види некој интересен на ТВ. Но, веројатно со текот на времето се менуваш, сега веќе филмот ми е скоро секојдневна активност пред спиење. Обожавам списанија и весници и тоа ми е пракса постојано.