Утринско кафе со Валентин Петрески: Малите нешта го менуваат животот

Денот секогаш ми почнува со чаша вода и лимон. Eдна доза за освестување и после сѐ е поинаку! Утрото ми е најубавиот дел, време за себе и време за малку тишина бидејќи после тоа, денот е трка со обврски. Станувам рано и имам две опции. Едната е да издвојам веднаш време за вежбање, другата е да пијам кафе и прочитам неколку страници добра книга, утрото одлучувам што ќе правам. Најчесто првото кафе го пијам сам. И во тој час- два за овие "ритуали" се обидувам да го сочувам телефонот на "silent". Во тоа малку време кое го имаме со себе сфатив дека ова е најдобрата опција за спокој. 

Ме мотивираат луѓето, нивните приказни, енергијата која ја даваат секојдневно. Ме радува успехот на оние кои ги знаеш или запознаваш, убава вест, сонце.

Првиот дел од денот ми е резервиран за креатива и реализација на идеите за „Тиноски“ , креативното студио за изработка на рачно цртани персонализирани подароци и дизајн.  После спиење најдобро функционирам во тој дел, мене дневната светлина ми е неопходна за целосно вклучување на мозокот. Вториот дел од денот се посветувам на подготовките за емисијата „Урбан Таг“ на ТВ „21“, комуникација и организирање со гостите, нови идеи, средување сценарио и на крај емисија во живо. И тука некаде завршува работниот дел од денот.

Времето по емисија е време за кафе-муабет со пријателите, гледање по некоја театарска претстава, домаќинско пазарење или завршување на други приватни обврски. На крај од денот, следува уште една луда вечер со мачката Блу кој функционира обратно од мене и најенергичен е вечер. 

 Да бидам искрен, до пред половина година викав дека немам време за книга. Но, праксата покажа друго во моментот кога ја земав да ја читам "Клубот во 5 наутро", најновата на Робин Шарма. Ме плени со начинот на кој се пренесени работите внатре, малите нешта кои многу ти го менуваат животот. Топло ја препорачувам и сигурен сум дека оваа книга ќе годи на секого. Од тогаш, читам редовно, колку што можам, важно да е во континуитет. Во меѓувреме ја читам "Becoming Michael Obama“.

Што се однесува за филмот, немам навика да седнам и да пуштам. Затоа пак, тоа со задоволство го правам кога другите ќе иницираат филмска вечер. 


Валентин Петрески- новинар, водител, креативец