Утринско кафе со Валентина Велковска-Трајановска: Тишината ме инпирира

Зависно од денот во неделата така ми почнува и утрото, кога останувам во Скопје денот ми започнува во 4.30 бидејќи за да пишувам ми треба тишина. Тогаш го пијам и првото нес кафе, ми помага да се почувствувам будна и да работам.

Доколку патувам за Штип на работа денот ми почнува малку подоцна, околу 6.00 и првото кафе го пијам од нога, се подготвуваме со сопругот за на работа, децата за училиште и градинка. Освен работата, предавањата на факултет постојано имам нешто што треба да го завршам, докторскиот, конкурси, патувања во странство, организирање концерти… според што ми се менуваат и дневните планови и обврски. Вториот дел од денот го поминуваме со сопругот во движење, носење на децата на нивните активности, музичко, јазик, аикидо, зависно од нивните интереси и доколку успеам, а се трудам колку можам поредовно да отидам и на концерт на филхармонија, опера, задолжително на „Денови на македонска музика“, камерни концерти и да го проследам и испочитувам трудот на моите колеги.

Во некој дел од денот ми преостанува време и за домашните обврски, а викендите да отидеме на заедничка прошетка со сопругот и децата во нашата парк-шума Гази Баба или на гости кај моите родители.

Отсекогаш сум сакала да читам, но порано успевав да прочитам многу повеќе отколку сега, често се навраќам на книгите кои особено ги сакам и на книгите кои ме инспирирале за моето творештво, „Облеката на душата“ од Бошко Смаќоски, „Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски, „Огледи на распаѓањето“ од Емил Сјоран…

*Валентина Велковска-Трајановска, композитор и професор за наставно-научни области, композиција и музичка теорија на Универзитетот Гоце Делчев во Штип