Утринско кафе со Васил Зафирчев: Мотивацијата секогаш ја барам во себе

Без оглед на дневниот план на активности кои најчесто започнуваат уште во раните утрински часови, денот секогаш го почнувам со јога и медитација веднаш по будењето. Најчесто сам, во мир и хармонија со себеси. Потоа следи ритуалот на првото утринско кафе, во комбинација со свежо цеден сок или смути. Не практикувам класичен појадок, туку разни видови на свежо овошје до ручекот.


Мотивацијата секогаш ја барам во себе си, а не во надворешните предизвици. Настојувам да ги афирмирам и конфирмирам само убавите и позитивни мисли за обврските и активностите кои ми претстојат во текот на денот. Бидејќи и самата актерска професија бара поинаков пристап, тоа за мене е веќе однапред утврдена рутина која е дел од секојдневниот живот независно од агендата на ангажмани и активности.

Целосно сум посветен на мојата актерска професија и денот најчесто го минувам во театар. Театарот ми е како мое друго дома. Во зависност од ангажманите понекогаш во театар минувам и повеќе од 16 работни часа. Наутро една проба, а попладне друга доколку паралелно работам на две продукции. Понекогаш тука се и некои професионални ангажмани надвор од театарот, снимања, гостувања, интервјуа или пак работни состаноци со моите соработници.


Вечерта скоро секогаш е резервирана за претставите од репертоарот на мојот матичен Велешки театар. Доколку пак немам претстава на репертоар, тогаш со задоволство ја минувам вечерта со некоја од моите омилени хоби активности врзани за домот и работата на себеси, или пак во друштво на моите најблиски и пријатели.

Обожувам да читам. Во секој еден миг кога времето ми го дозволува тоа. Доколку сум во процес на работа на одреден проект, тогаш најчесто читам се што е поврзано со аспектите и спецификите на темата која е предмет на театрализација. Во слободното време пак читам најразлична литература, од белетристика до научна и истражувачка. Книгите за мене отсекогаш биле прозорец кон светот. И непресушен извор на ново знаење. Заради мојата презафатеност со професионални ангажмани, ретко имам време за посета на кино, но затоа пак со уживање гледам филмови во домашна атмосфера, но без настојување да сум постојано во тек со се што се произведува во филмската индустрија. Филмовите, како и книгите најдобро е кога сами го наоѓаат патот до вас, во време кога сте вистински подготвени за вистината која треба да ја споделат со вас.


*Фото: Јован Куциновски