Утринско кафе со Васко Спасоски: Денот ми почнува и завршува во кафуле
Денот ми започнува многу рано. Иако сум од 10 часот на работа, јас веќе во 7 часот сум буден. Прво што правам, го пијам смутито подготвено од мајка ми, а потоа почнувам да се подготвувам за на работа. Инаку во последно време моето прво утринско кафе го пијам сам во кафуле и морам да признаам дека тоа кафе ми е најслатко. Во тие 15-20 минути во главата правам план за обврските што ги имам во текот на денот. Претходно се чудев на луѓето што седнуваат сами да пијат кафе, но откако почнав и јас да го практикувам истото, веќе потполно ги разбирам.
Секој мој ден е турбулентен, непредвидлив и не се знае кога завршува. Но, тоа се слатки „маки“. Јас велам дека малкумина луѓе во земјава имаат среќа да го работаат она што го сакаат, а јас сум во тие луѓе. Си ја сакам работата, бидејќи ме исполнува. Обврските се секој ден различни, но во принцип најмногу се околу тоа кого ќе снимаме, со кого ќе правиме интервју, кој да ни гостува..
Ме мотивираат успешните луѓе околу мене, а за моја среќа во моето опкружување ги има навистина многу. Ме мотивираат и убавите зборови, ме мотивра кога некој ќе ми каже: „Браво Васко, одлично ја заврши работата“.
Денот ми завршува со моите најблиски луѓе, обично тоа е повторно во кафуле или во некој ресторан. Но, во принцип гледам да не „заглавувам“ до доцна во ноќта, бидејќи навистина ми треба многу енергија за наредниот ден.
Искрен да бидам, повеќе сакам филм отколку книга, но во последно време немам време ниту за тоа. Последниот кој го гледав е пред неколку месеци, но сега чекам само слободен викенд, да се затворам во соба и да изгледам што е можно повеќе филмови.
( Васко Спасоски- новинар и ТВ-водител)