Утринско кафе со Верица Илијоска: Она што не сум стасала вчера, го правам денес

Не сум „кафеџија" и ритуалот „утринско кафе" не е дел од моето секојдневие иако сум пушач. Затоа што секој ден патувам за на работа, денот ми почнува возејќи и разговарајќи секој ден со различна личност по телефон. Најчесто тоа се моите колеги и другарките кои се ранобудни.

Секогаш се трудам сама себе да се мотивирам. Си поставувам предизвици и она што не сум успеала вчера, се обидувам да го направам денес. Во животот сум научила дека една од најважните работи е дисциплината, па ја тренирам секојдневно.
Професионално функционирам плански и единствениот план кој го имам во денот е да ги завршам работните обврски. Приватно, комплетно сум неиспланирана. Ги сакам сите опции отворени и пред време не се договарам за ништо. Моите блиски не ја сакаат баш оваа моја особина, ама барем знаат дека ќе им дојдам на роденден кога слават.

Денот ми завршува секогаш различно. Ама што и да правам навечер, пред да легнам да спијам обавезно гледам барем една епизода од некоја серија која заедно ја следиме со ќерка ми.

Голем дел од слободното време го поминувам во читање книги и гледање филмови и серии. Најмногу се радувам што една од моите омилени книги, „Сто години самотија" на Маркес, Нетфликс ќе ја адаптира во серија.

* Верица Илијоска, м-р по меѓународна економија и бизнис. Работам развој на продажба во Филип Морис Скопје