Утринско кафе со Весна Дукоска: Ништо не може да го замени чувството на возбуда кога читате добра книга

Првото утринско кафе го пијам со сопругот. Низ разговор во кој се договараме и ги планираме нашите деловни обврски во текот на денот, а тука се и задолжителните попладневни обврски со децата. Потоа сите си посакуваме успешен ден и заминуваме, кој на работа, кој на училиште. Утринското кафе ми е многу важен ритуал во моето секојдневие затоа што тоа е единственото време во кое седнуваме заедно со сопругот и се договараме за сите нешта поврзани со нашето семејство и со нашите деца.

Работниот ден ми е секогаш исполнет со нови предизвици, па затоа настојувам да го испланирам најдобро што умеам за да можам да ги исполнам сите обврски кои ми ги носи. Прво нешто што правам кога доаѓам на работа е организација на целокупната работа на компанијата, потоа ги прегледувам извештаите за досега спроведените задачи. Ги посетувам книжарниците зашто според мене, тие се образот на нашата компанија, делот кој сите го гледаат одблизу и според кој нè оценуваат, па затоа сметам дека тие треба да бидат секогаш средени и уредни. Тука се и состаноците со клиенти, соработници и партнери, а исто така, значаен дел од работниот ден ми минува во планирање активности и проекти за следните периоди.

Пред сè, ме мотивира среќата и успехот на моите најмили, на моите деца. Секако, тука е успехот и растот на нашата компанија, потоа тука се сите деца и родители кои ги посетуваат нашите книжарници и си заминуваат задоволни од она што го виделе и доживеале, детските насмевки кога ќе видат некое наше издание кое им се допаѓа или кое со нетрпение го очекувале, убавите зборови и пофалби, но и добронамерни критики од јавноста, задоволството и гордоста на нашите автори и соработници кога ќе ги видат своите објавени дела.

Доколку не сум на некоја деловна вечера или патување, вечерта ја поминувам дома во кругот на семејството. Разговараме со децата за тоа како ни поминал денот, за некои интересни случки кои не се случиле... впрочем разговараме за сите нешта за кои разговара секое обично семејство.

Дефинитивно одбирам книга. Ништо не може да го замени чувството на исчекување и возбуда кога читате некоја добра книга, кога сте нестрпливи да откриете што ќе се случи на секоја следна страница, како и чувството на исполнетост кога ќе ја прочитате последната страница од книгата. И филмот како медиум има некои свои предности, пред сè, мислам на тоа што временски трае од час и половина до два часа, а за книгата треба подолго време да се прочита, но сепак, јас се определувам за книгата зашто сметам дека длабочината на мислата  и хоризонтите кои ви ги отвора се неспоредливо повредни од она што може да ви понуди еден филм.

* Весна Дукоска, менаџер на просветно дело

Фотографија: Филип Ѓорѓиоски