Утринско кафе со Весна Миќиќ Божиновска: Ме мотивира добар шопинг со ќерка ми

Денот ми почнува со сопругот, песот и со телевизорот. Сопругот го вари утринското кафе, песот Зорица лае, а на телевизорот одат првите утрински вести или евентуално утринска програма со некоја тема од која боли глава. Станувам обично рано. Не сум од оние кои сакаат многу да спијат.  Го сакам мирисот на утринското кафе, тоа ми е и најслаткото кафе кое го пијам додека се подготвувам за работните обврски кои ме чекаат во текот на денот, а кои неретко траат и по 12 часа. И кога не сум на работа за време на викенди или годишен одмор тој ритуал со утринското кафе е задолжителен. Едноставно не функционирам без да го испијам. 

Обично наутро планирам едно, до пладне излегува друго, попладне трето, а до вечер четврто и петто. Работниот ден најчесто го започнувам со колегиум на кој што со моите колеги се договараме за она што ќе го сработиме во текот на денот и на кој што ги разменуваме идеите и задачите. Имам прекрасен тим околу себе, така да работата во редакција „Вечер“ ми претставува вистинско задоволство.

Ме мотивираат многу работи. Насмевката на луѓето кои најмногу ги сакам, ме мотивира мојата професија во која сум вљубена веќе 35 години. Ме мотивира добар шопинг со мојата ќерка и тоа се моментите кога здраво ги полнам батериите, исто така и убави патувања со убави луѓе. Се обидувам да ги заобиколам луѓето со негативна енергија. Жените кои постојано зборат дека се дебели, дека се остарени, дека партнерите не ги сакаат, дека лошо готват, дека децата им направиле ова или она.

По работните обврски денот обично ми продолжува во друшто со пријателите или во кругот на моето семејство, каде што рака на срце се чуствувам најубаво. Еден ден во неделата, што стана веќе ритуал, е резервиран за ручек со мојата ќерка Мишела во еден од нашите омилени ресторани по што обично одиме до некој од поголемите молови да се освежиме со ново парче гардероба. И како што ми почнува денот, така и завршува, со „чашка“ муабет со сопругот Владо. 

Книгите ми се неисцрпен извор на релаксација, мотивација, инспирација како и добар филм, но не можам да се пофалам дека имам баш многу слободно време за да со саати седам пред ТВ или држам книга во рака. Наместо тоа, повеќе сакам да го држам моето внуче Мартин за рака и со него да прошетам на Водно или во парк, на сладолед или на пица.

Кога сме веќе кај филмовите имам и актерско искуство (се смее). На 14-годишна возраст глумев во филмот „Пресуда“ со Жарко Радиќ кој се снимаше на повеќе локации, а едната од нив беше во Неготино. Тоа беа за мене незаборавни мигови и се сеќавам на секоја ситница, иако беше многу одамна. Сакам филмови од типот на „Ѓаволот носи Прада“ кој е и еден од моите омилени со мојата омилена актерка Мерил Стрип. Добра книга е секогаш добре дојдена. Во моментов ја читам „Патувањето на Петар Келемен“ на нашиот писател Александар Кукулев.

* Весна Миќиќ Божиновска, Главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ и на vecer.press