Утринско кафе со Владимир Мартиновски: Книгата ми е најубав почеток и крај на денот

Утрото ми е омилен и најмирен дел од денот. Особено го сакам утринското пеење на птиците, кое ме буди и ме расонува подобро и од кафе. Наутро, најчесто пијам чај или јогурт со појадокот, во друштво на сопругата и синовите. Првото кафе го пијам дури напладне, во паузите меѓу часови, со некој од колегите. 

Мотивацијата да пишувам најчесто доаѓа од предизвикот да се обидам да ја ставам на хартија некоја идеја, дилема или слика. Кога оди добро – тоа ме мотивира, а кога не оди – и тоа ме мотивира. 

Секој ден носи нови предизвици. Има денови во кои се чудам колку многу убави работи може да се видат, слушнат, прочитаат, доживеат во само еден ден, но и денови кои ми минуваат како песок меѓу прсти, а обврските се префрлуваат за наредниот ден. 

Секој ден завршува различно, но по обврските што ни ги донел денот, не е сеедно што ќе правиме со „остатоците од денот“. 

Книгата ми е најубав почеток и крај на денот. Некогаш се будам порано за да ја дочитам книгата започната претходната вечер. За жал, навечер дома немам баш кондиција за гледање филмови – ретко останувам буден до крајот на филмот. Затоа, вистинско гледање филм ми е кога одам во кино. 

( Владимир Мартиновски, писател и професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, автор на книгата „Дур дишам се надевам“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“)