Утринско кафе со Војислав Мојсовски: За викенди заедно со други велосипедисти возам по најмалку 100 километри

Бидејќи од спиење се будам околу 6.30 минути, првото утринско кафе го пијам сам со телефонот в рака. Веднаш кога ќе станам си правам еден „бокал“ (голема шолја за млеко, чај …) македонско традиционално кафе и така во тишина, поради мојата професија, погледнувам што се случило во текот на попладнето од претходниот ден, како и што ќе се случува во текот на денот. Инаку немам никаков проблем половина час подоцна да го испијам и второто кафе, на пример за викендите, а во текот на неделата тоа го правам кога ќе пристигнам на работа и со колегите кога на редакциски колегиум се договараме кој и што ќе работи.


Затоа што се сметам себеси за позитивна личност, која во животот избегнува да има непријатели, како на приватен, така и на деловен план, имам голема мотивација таа позитивна енергија со некој гест, шега, песна или слично да ја пренесам на луѓето околу мене, дали дома блиските, пријателите, колегите на работа, а тоа ме прави среќен. Кога станува збор за работата, тука пак имам мотивација голема, работата која ќе ја предложам јас или ќе биде побарана од мене да ја извршам максимално професионално и до крај објективно, затоа што еден новинар според мене треба тоа што го гледа реално да го пренесе на своите читатели, гледачи или слушатели, без притоа да се избере некаква страна во веста.

Како што и претходно споменав, прво и основно во мир и тишина да го испијам кафето, а потоа започнувам со мојата речиси секојдневна динамика. Обожувам да возам велосипед, па така често може да ме видите со ранецот како се движам низ градот, дали додека одам или се враќам од работа. Дали секој ден е ист, можам да кажам не, но е сличен на претходниот, па покрај работните обврски сакам по завршувањето на работното време да испијам кафе или пијалак со колеги, пријатели, мои блиски. Доколку ми овозможува времето да повозам малку велосипед некои 40-50 километри, со цел да се опуштам по работните обврски, па така често може да седнам покрај некоја река, ливада, кооперација, ресторанче и сам да си испијам кафе и да ги наполнам батериите. Доколку за тоа немам време преку неделата, тогаш викендот заедно со други велосипедисти возиме по минимум 100 километри, ги разгледуваме убавините на нашата земја, посетувам локалитети, цркви, манастири, села и градови и уживаме во природата и дружењето.

Како што сите велат, некогаш со нетрпение чекаме денот да заврши, но кај мене и тогаш има некои обврски кои мора да се реализираат, а една од нив е речиси секојдневната прошетка со мојот пријател Симба (Аргентиска дога), нешто што не може да се избегне. Исто така тука се моите блиски, со кои може да се напиеме некое кафе, пиво, да гледаме заедно некој спортски натпревар, да си пуштам музика на слушалки и со велосипедот да се повозам по скопските улици, а на крајот на денот, задолжително еден туш и се дружам со телевизорот.

Не сум голем љубител на книгите да бидам искрен, бидејќи преку текот на денот читам премногу информации, дали од други медиуми, дали од социјални медиуми, така да повеќе сакам да погледнам некој добар филм, но најмногу преферирам да гледам емисии кои се прикажуваат на „Дискавери“, „Нешнал џиографик“, „Виасат Експлорер“ …


* Војислав Мојсовски - новинар*