Утринско кафе со Загорка Аврамовска: Моето синче ме буди пред алармот

Иако алармот со години ѕвони во 7 часот, последнава година неколку минути пред него не довикува Бојан од неговото креветче. Tака весело ми започнува денот со гушкање и по некој прст во око . Тој пие млеко, а јас своето прво утринско кафе кое задолжително мора да е турско и слатко. Зависник сум од турско кафе, особено наутро и вообичаено, првото сакам да го испијам сама, и тоа додека е врело. Не сум добро друштво за кафе, бидејќи го пијам набрзина, па затоа кога ќе закажам кафе средба, тоа обично е сосема друг пијалок 

Самокритична сум и перфекционист во секоја сфера од животот. Морам да додадам и ретко од прв пат сум задоволна од сработеното. Секогаш ги барам недостатоците и бидејќи знам дека можам подобро од тоа, се трудам да е совршено и онака како сум го замислила. Тоа ме мотивира и ме тера денес да бидам подобра од вчера. Не сакам импровизации и се трудам секогаш сѐ да е како што треба, на свое место, до најситен детал. Ако денес не ми оди од рака, го оставам за оној момент кога ќе се инспирирам  и можам да го доработам.

Секогаш планирам навреме и одлично сум организирана. Го ценам своето, но туѓото време. Речиси ретко не е завршено она што е запишано во дневната агенда. За моите клиенти сум секогаш флексибилна и се приспособувам на нивните барања и потреби. Па бидејќи сум така добра, секогаш наоѓаме заеднички јазик, а на крајот сите да сме задоволни.  Семејните обврски ги делиме со сопругот, кој ми е голема поддршка и помош во одгледувањето на нашето синче.

Деновите кога немам работни обврски ги поминуваме во природа или со моите внуки Јана и Мила, со некоја мајка во градски парк или на Водно.

Ние сме дом во кој никогаш не недостига ладно пиво и секогаш се гледа фудбал во вечерните часови. Не сум од оние жени кои поминуваат покрај ТВ екранот и сметаат. Напротив, навивам, посебно за англиската лига.Тв кај нас постои само за фудбал, музика и цртани. Сѐ останато е ставено на офф. 

Обожавам да готвам за пријателите и не ми пречат ненајавените друштва. Викендите посебно ни се резервирани за друштво и закуски.

Со сопругот сме зависници од серии. Но, откако се роди Бојан гледањето серии ни е сведено на минимум. Со тоа никако не можам да се помирам и многу ми недостига. Порано, се случуваше во текот на еден ден да изгледаме по една цела сезона од некоја серија, што сега не е случај. Сепак успеваме да изгледаме барем една пред да заврши денот.

Книгите во моментов служат само за бришење прашина. Чекаат да дојде лето и плажа.

* Загорка Аврамовска е сопственик на печатницата Артисан