Утринско кафе со Жанета Овнарска: Прегратките на моите деца ми ги полнат батериите

Денот го започнувам со најубавата моја задача, будење на децата, најмалото- Димитриј и двете близначки Ерина и Мина. Подготвуваме појадок сите заедно и ги испраќам на училиште. После тоа го пијам првото утринско кафе во мир и тишина, и се подготвувам за работниот ден.

Ме мотивира сѐ убаво и весело. Секој нов ден, секој нов момент, секоја насмевка од задоволен клиент, и секоја нивна недоумица околу одлуката кога ми ја препуштаат за нивниот изглед.


Покрај тековните обврски кои скоро сите ги имаме секој ден, поголемиот дел од обврските ми се фокусирани целосно во мојот салон. За мене тоа катче не е само работно место, туку оаза на позитивна енергија и место на уживање за сите наши клиенти. Професионалноста ни е приоритет се разбира, но се трудам колку што можам за секој наш клиент да овозможам максимум од времето што го поминува кај нас да му биде релаксирачко и вистинско уживање. Колку и да е намуртен денот, кај нас секогаш мора да е сончево и весело.


Денот ми завршува со моето семејство, се разбира. Колку и да е динамичен денот на работа, од првото влегување на врата, прегратките на моите деца во истиот момент ми ги полнат батериите. Спремаме вечера, раскажуваме како сме го поминале денот, тие на училиште, јас во салон... 

Следи завршување на домашните задачи, ако остане време понекогаш, знаеме да се загледаме по некој добар филм, па спиење.


Голем љубител сум на книги и филмови, но за книга не наоѓам време секогаш, а кога имам слободно време, тоа најчесто е во текот на годишниот одмор,  тогаш уживам со добра книга на плажа или пред спиење.

*Жанета Овнарска, салон за убавина Ултралук.