Утринско кафе со Живе Мешуревски: Ја сакам класиката, но и македонскиот фолклор

Поради факултетот станувам доста рано и првото утринско кафе обично го пијам со мојата сестра, или пак со моите колеги и другари од факултет.

Како секој млад човек и јас имам зацртани планови и цели за во иднина. Сѐ се врти околу музиката. Таа ме мотивира и ме води напред. 

Ја сакам класиката, но го сакам и македонскиот фолклор. Цело едно богатство од звуци, емоции, ноти, приказни кои што јас сакам пеејќи да ги раскажувам. Почнав со хармониката, продолжив со пијаното за да денес во соло пеење вклопам сѐ што досега знам. Многу сум среќен што излезе мојата прва песна „1001 ноќ“. Нема да застанам тука, ќе продолжам во овој правец, да ја негувам секоја музика која што буди чувства.

Преку ден немам многу слободно време. Тука се обврските со факултетот и секако континуирано вежбање и работа, зошто музиката бара голема посветеност. Но секогаш наоѓам време за дружење со пријателите и моите блиски.

Навечер обично одмарам, понекогаш излегувам со пријателите, а за време на викенд најчесто сум на свирка со мојот бенд.

Во последно време, обврските не ми дозволуваат, но сакам да прочитам добра книга, а секако да одгледам и добар трилер или пак комедија.

(Живе Мешуревски- музичар)