Утрото е резервирано за женска дружба: Утринско кафе со Вјоса Селими

Во текот на работната недела, без исклучок станувам во 6 наутро за после 2 часа да стигнам на работа. Опкружена сум со добри и позитивни колеги кои се дел од одделот за Комуникации во кој што работам. Со нив го поминувам поголемиот дел од денот, споделуваме се и многу си помагаме меѓусебно. Секој ден на работа е различен и задолжително има по најмалку еден интересен момент со кој се соочувам.

Првото утринско кафе го пијам со колешки, а според некое непишано правило машкиот пол од канцеларијата веќе знае дека овој дел од денот е резервиран само за женска дружба.  

Сметам дека човек кога сака може да најде мотивација во се, дури и во најситните детали. Но, за да бидеме успешни во тоа, треба секој ден упорно да работиме со себе и со нашата околина и да бидеме особено внимателни со енергијата која ја рефлектираме и со таа што дозволуваме да ни влијае. Мотивацијата не е само поим кој треба да очекуваме да ни се појави како надворешен фактор што ќе не инспирира, таа се постигнува само по пат на константно подобрување на начинот на живеење и позитивно гледање на работите.

Ме мотивираат едноставни нешта кои прават да се чувствувам комплетна. Среќа, здравје, добрина, учење, помагање, предизвици, нови идеи, постигнување на цели, убаво друштво и многу други секојдневни работи кои често ги земаме здраво за готово, се фактички мојата секојдневна мотивација.

Да работиш како портпарол, многу повеќе значи да се врзуваш за цели отколку за рутински планови. Рутинските активности зафаќаат најмногу 20 % од работното време, а остатокот е непланиран и полн со предизвици. Природата на оваа работа наложува флексибилен распоред на работното време, како и работа во канцеларија и на терен, а поставувањето на меѓучовечки односи е најважниот аспект.

Оваа професија во поглед на работните обврски не завршува, а и не треба да заврши во 16 часот.

После долг ден на работа ретко се случува да се среќавам со пријатели, тоа го правам за време на викенд. Обично се враќам дома, со најблиските вечерам и неколкуте часа што преостануваат ги поминуваме заедно.

Морам да признаам дека најомилениот ден во неделата е кога внук ми ме посетува. Со него ми се менува целиот свет и тој ме исполнува со љубов и разбирање.

Филмови сакам да гледам на големите екрани во кино. Ако ми се допадне, подготвена сум да го гледам и по неколку пати. Инаку претпочитам читање книги и секогаш ја одбирам книгата, а не филмот кој е снимен според таа книга.


( Вјоса Селими- портпарол на ЕВН Македонија)