ВАГАТА – ЕДЕН ОД НАЈКОРИСТЕНИТЕ „ФИТНЕС РЕКВИЗИТИ“!

Добивај вести на Viber

Зошто не треба да го гледате само резултатот што го покажува вагата?!  Одлучивте дека е време да го намалите вишокот масно ткиво. Уште пред да започнете со вежбање најпрво што правите е застанувате на вагата и ја забележувате во нотес бројката од почетното мерење. Мотивирани сте да постигнете одлични резултати за што пократко време. Па нормално, кога за некој месец доаѓа лето, плажа...

Си купувте одлична спортска опрема, си ангажиравте добар тренер и нутриционист и сѐ е подготвено, па се фрлате во АКЦИЈА! Вежбате редовно, се храните здраво, сѐ според правилата. И додека се обидувате да ги постигнете посакуваните резултати, несвесно, почнувате сѐ почесто да се мерите и на крај шок...  килограмите се „зголемиле“!? А помина цел еден месец откако започнавте, толку многу вежбање, внимавање на исхрана, легнување рано и уште еден куп одрекувања, а не само што не ги постигнавте посакуваните резултати, туку уште и се „здебеливте“! Овде нешто не е во ред. Сигурно вагата е расипана, мора да е тоа. Ајде, мерење на уште две различни ваги и пак покажува исто!? Хмм... мора да е до тренерот или до нутриционистот. Не си ја знаат работата. Катастрофа!

Но, дали вагата ја покажува реалната состојба за напредокот, евентуално стагнирање или пак одење на формата во спротивна, несакана насока?!


 

Она што треба да се земе во предвид во однос на мерењата, меѓу другото е и составот на телото, односно апсолутна и релативна количина на коскено, мускулно, масно ткиво. Потребно е уште на почеток да ги имаме овие податоци, па по иницијалните, односно почетни мерења, на секое контролно мерење, како и на финалното, да имаме реална слика во која насока одат промените кои се резултат на вежбањето, исхраната, одморот...
  Зголемена тежина, а намалена количина на масно ткиво!
 Еве еден пример од лично мое искуство како тренер. Вежбачката која сакаше да ослаби (да намали телесно масно ткиво), на почетното мерење имаше тежина од 62 килограми, а контролното мерење после еден месец, 63 кг. Притоа, таа не се здебели, туку во првиот месец, во периодот на адаптација, намали масно ткиво, а додаде мускулно ткиво (мускулното ткиво повеќе тежи од масното ткиво).
Во ваквите случаи, освен „негативната“ или несакана промена која ја покажува вагата, може да се воочат реалните промени во позитивна насока: визуелни промени, промени на конфекциски број и промени промени кои можат да се видат од резултатите на мерењата кои служат за одредување на апсолутната и релативната количина на коскено, мускулно и масно ткиво.



Ист број на килограми, различно тело!
Уште еден пример каде имаме две личности кои имаат иста висина, иста тежина и секако ист БМИ (боди мас индекс), но едната личност е полничка, а другата е фит. Резулатите од мерењето покажаа дека едната личност има поголема количина на масно ткиво и помала количина на мускулно ткиво, а другата имаше помала количина на масно ткиво, а поголема количина на мускулно ткиво. Во однос на коскено ткиво беше приближно исто кај двете. Значи, вагата и боди мас индексот не ја прикажаа реалната слика.



  Значи, има многу повеќе од бројката која ја покажува „страшната“ вага. Не дозволувајте да влијае негативно врз вас и вашата мотивација! Информирајте се и едуцирајте се во полето физичката активност, на здравјето и здравот начин на живот.
Бидете активни и уживајте во вежбањето и бидете фит ЗАСЕКОГАШ!

СЕ ГЛЕДАМЕ НА ТРЕНИНГ!

Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес



Прочитајте ги и другите колумни на Лазар Иванов:

„СЛАБИЧКИ vs ПОЛНИЧКИ ДАМИ“

БИДЕТЕ ПРИМЕР ЗА ВАШИТЕ ДЕЦА. НЕ ИМ КАЖУВАЈТЕ, ПОКАЖЕТЕ ИМ!