Утринско кафе со Блаже Донев: Вечерта ми завршува со утро

Во принцип, наутро кафето ми е во втор план. Сакам денот да ми започнува со чаша вода и некое смути (со било какво овошје што ќе ми се најде по дома) и се трудам да не правам отстапки. Немам некоја посебна РУТИНА (поздрав до Таско), меѓутоа сакам да ми е мирно, тивко и темно за да можам да мислам и да уживам.

Љубовта и љубопитноста кон музиката си ги класифицирам како најголема мотивација. Не сакам да звучам клише, но сите знаееме дека во музиката нема граници, тука сме само ние и нашата имагинација.

Доста е интересно што себеси се сметам за личност која сака се’ да ѝ биде испланирано, наместено и под конец, за на крај повторно да се однесувам како ништо да не сум испланирал и повторно дозволувам нештата да си ја завземат природната патека на случување.

Ретко кога се соочувам со сериозни обврски, освен за викенд кога настапувам. Се држам до тоа да поминувам колку што можам повеќе време дома, компонирајќи. Инспирацијата ми е во тишината, а таму си го наоѓам и мирот.

Доколу е викенд вечерта ми завршува со утро. Преку неделата сакам да поминам време со другарите, или некаде низ град на воздух, ама доста веројатно е да ме најдете по дома како ги замарам за нешто ново што сум компонирал.

Без книга не можам да заспијам! Се шалам, порано беше така, сега ќе излажам доколку кажам дека редовно читам. Сметам дека книгите бараат концетрација, посветеност и време, а јас моето го трошам на музиката. Повеќе ме интересираат документарни филмови, теории на заговор, историја и стенд ап.

* Блаже Донев - Fitty Flow, диџеј и продуцент