Веганизам и ренесанса
На 18 години бев дел од изложба каде што концептуален уметник имаше поставено два проектора. Двата проектора беа поврзани со по една слушалка која ја ставаш во уво. На едниот имаше живописна слика од целиот процес на раѓање на едно теле, одземање од неговата мајка и колењето. На другиот, луѓе со прекумерена тежина како ждерат хамбургери. Станав вегетаријанец. Точно седум години немав каснато месо. За жал не го запомнив авторот, од оваа перспектива, тоа за мене е успешна уметничка проекција која менува животи.
Елем, супер што престанав да конзумирав месо, арно ама не ми текнуваше што да јадам друго освен златен бурек во градот на тазе тесто и топли тестенини. Па така за две години веќе имав здрави 90 килограми и комплетно нарушен метаболизам и имунитет. Додека почнав да читам што треба да јадам и како да се хранам, до 21 година, со нулта позитив крвна група, јас веќе успеав да закачам три вида на болести и комплетно да го бутнам имунолошкиот систем. Вкупно седум години се опирав на сите можни начини од консумација на месни производи. Да се разбереме, што се однесува до вкусот, комплетно бев одвикната и не чувствував никаква потреба за месо. Сѐ додека не се симнав од авион од првиот службен пат, колабирана, со 43 температура, модра во ликот, се опирав машки на моментот на консумација. Во мојата глава тоа беше начин да ги спасасите сите животни на светов. Мајка ми кога ме виде ми рече: „Или ќе јадеш пилешка супа што сега ќе ти ја направам со лажица, или ќе ти ја бутнам со сламка во нос. Ти одбери го начинот“.
Одбрав лажица, сепак. Се кренав за брзо време, почнав да јадам по малку пилешко и малку телешко месо. И по еден извесен период веќе повторно престанав да бирам што јадам, за колку и да не разговараме. Па така стигнав до фамозните 92 килограми повторно. И до бесвесно прејадување за задоволување на депресивни фрустрации, наместо да го слушам сопствениот организам. Е сега, од денешна перспектива, кога веќе јадам месо максимум три пати неделно во доста ограничени количини, за мене и едното и другото било грешка. Дојдов до заклучок дека на ова поднебје недостасува чувството за баланс. Додуша светов полека се претвара во маса на ждерачи, но некако кај нас е тој синдром на: „Јади бабе, мора да си гладен“. Секоја домаќинка е научена дека мора бар два оброка во денот да се месни. Ако сте тројца, обавезно се готви за петорица, за да не остане некој гладен нели, преполнуваме чинии за окото да се излаже дека премногу е премалку, ги преготвуваме зеленчуците до степен да нема никаква поента што ги внесуваме, и никој од нас, генерално не е научен како се јаде и зошто.
Секој организам има потреба од доволно. Ниту премалку, ниту премногу. Да сме малку освестени и да започнеме да си го слушаме сопственото тело, неговите интимни потреби, ќе се случи еден сеопшт баланс на консумација. За жал, не учат да бидеме алчни уште од мали нозе, почнувајќи од првата ужинка, па понатаму до консумација на сите можни пороци на светов. Дали некогаш сте се запрашале, колку реално ви е доволно. Е сега, на карта на физичко претрупување, почнавме да кратиме на емотивното, од страв дека ќе бидеме повредени. Два хамбургера нема да ве повредат, ама дечкото што нема да ви се јави сигурно ќе ве повреди. Што ако, ги отфрлиме хамбургерите, започнеме со консумација на половина плескавица со чинија салата и ние му се јавиме први нему?
Со ризик дека може да не крене, да има друга или да сме само попатна станица? Со превземање на ризик за загуба, добиваме најмногу. Со баланс на физички задоволства, можеме емотивно да се опуштиме и да не стравуваме дека некој ќе не повреди, дека сите мажи или сите жени се исти. Не, никој со никого не е ист, само со негативност сте ја одбиле енергијата што може да ви го промени целиот живот на подобро.
Најмногу килограми изгубив кога почнав да бројам калории. Нека не ве мрзи, симнете апликација, бар денес имаме телефони што ни го контролираат животот, искористете го најдоброто од нив. Наут, безмасна урда, многу овошје и многу зеленчук, месо само по потреба, и ќе почнат да ви се редат коцките. Кога ќе си скратите чоколадо, телото ќе побара грозје, кога ќе скратите хамбургер, телото ќе посака црн грав.
Само не кратете на љубов, само таму одете до бескрајна екстрема која го носи животот во волшебно нов правец со сите можни последици на загуба, без очекувања и без компримис. Сакајте ги луѓето, не ги отуѓувајте, кренете ја главата од телефон, и само така ќе научите да ги сакате и животните и ќе ја разберете и нивната болка.
Јас сум Ивана Кнез, следен пат ќе се сакаме за нијанса повеќе.
Се читаме следната недела.