Вера Мештеровиќ е заштитен знак на Македонија: Ѓорѓе Давид за пријателството, семејството и „Ѕвездите на Гранд“

Добивај вести на Viber

Празничната атмосфера полека стивнува – сите веќе се вратени на своите работни места, сега се прераскажуваат случките од дочекот на Новата година, но и божиќните празници. Ова е период од годината, во кој сите, повеќе или помалку сакаат да одморат и да соберат сила, за да можат со полна пареа да почнат да работат на зацртаните цели за годината која претстои.

Откако минатата година детално зборувавме за неговите музички почетоци, за изборот на музичкиот правец, за „Ѕвездите на Гранд“, но и за приватниот живот, овој пат, Ѓорѓе Давид Николиќ за Женски магазин зборуваше за изминатата година, за предизвиците со кои се соочил, за тоа како и со кој ја дочекал Новата година, но и пријателството со Вера Мештеровиќ.

Дека е пожртвуван татко, кој би направил сѐ за својата ќерка, говори и фактот што се откажа од настапите за дочекот на Новата година, и точно на полноќ, најпрво ги прегрнал неговата ќерка и партнерка.

„Работевме преку ден на 31-ви и работевме преку ден на 1-ви, што за мене беше едно ново искуство. Тоа е нешто што за мене лично беше фантастично, бидејќи вечерта бев со мојата Ана и мојата Сташа. Ќерките се благослов. Тоа е нешто што ме погоди на вистински начин, онака како што само можев да сонувам.“ – низ насмевка ни откри Ѓорѓе, а потоа ни ја откри и неговата новогодишна желба.

„За моето дете и Ана здравје, за моето грло да биде подобро од било кога во 2023, за бендот да остане најдобар како што беше досега, за сите нивни семејства исто така здравје и среќа. Ќе посакам веќе никогаш ниту едно дете во 2023 година и ниту една жена да не патат заради лудите мажи, кои не сфаќаат дека децата се иднина, а дека жените се посилниот пол кој носи свет, кој создава свет и раѓа свет. Многу ужаси доживуваат децата и жените во 21-от век и се надевам дека ќе се застане на патот на тоа, бидејќи мислам дека короната во комбинација со социјалните мрежи направи да сме сѐ поблиску до ѕверките, да сме сѐ подалеку и подалеку од она што се вика хумана раса. Тоа под итно треба да се смени, се надевам дека 2023 година ќе биде година во која тие некои промени ќе се случат.“

Неминовна беше и сублимацијата на изминатата година, за која рокерот вели дека не би сакал никогаш да му се повтори.

„Крајот на годината ми ја разубави цела година. Баш со Томи (гитаристот и продуцент на бендот) разговарав. И двајцата дојдовме до истиот заклучок, не само кога е бендот во прашање, туку и приватно, и на него и на мене. Нека не се повтори оваа година, беше многу тешка и деловно и на секој друг начин. Едвај чекав да заврши и да почнеме на еден прекрасен начин во новата година. Мислам дека 2023 година ќе биде наша, особено спотот што го објавивме од овој албум, во прашање е песната на ЕКВ, автор Милан Младеновиќ. „Пар година за нас“ е еден вид на опомена и спот кој со многу љубов, достоинство и почит е направен во однос на тој голем автор и на тој бенд. Наскоро ќе објавиме уште еден спот во вид на LIVE настап, што ќе биде понатамошна објава на она што се вика да сме тука живи и здрави, а некаде во март, април месец, планираме да објавиме и спот за песната „Слободан и свој“, обработката од Оливер Мандиќ, каде една Македонка ќе биде главна улога во тој спот, а вие бидете трпеливи за да видите кој.“

Кога е крајот на годината во прашање, еден од настапите со кои ја заокружи годината, беше и оној кој заедно со Ивана Петерс го имаа во Скопје. За тоа како дошле до идеја да настапуваат заедно, но и зошто Ивана звучи помоќно со неговиот бенд, Ѓорѓе ни откри од прва рака.

„Ивана не звучела толку добро, како што звучи со нас, од проста причина, од тоа што ние ѝ го даваме на Ивана како бенд, особено ако земем предвид што Александар Митровиќ е човекот што ја аранжира целата приказна. Тоа е жарот на кој Ивана се „пали“, бидејќи Ивана низ групата Негатив е навикната на тој вид жар. Марија во таа приказна е помека. Нејзиниот бенд свири малку помеко, бидејќи Марија бара така, бидејќи таа акцентот го става на вокалот со полно право. Според мене Ивана е најдобриот вокал на Балканот. Тоа е само работа на афинитет. Тоа дека Марија е вокален убиец не треба да се зборува за тоа, но она што ова бенд ѝ го дава на Ивана е таа нејзина бомбастичност, бидејќи овој бенд навистина многуја почитува и цени. Оваа комбинација која ние ја правиме со Ивана е последица на дуетската песна која ја направивме, во прашање се обработка и тоа на песната на Бајага - „Где си“. Многу едноставно се роди идејата и јас веќе не знам кој концерт по ред го работиме на овој начин. Ја поминавме и Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, сега се подготвуваме за Хрватска и Словенија, но за тоа потоа.  Имаме опција дека ќе направиме приказна многу брзо со некој нов спот, со кој ќе го подигнеме сето ова на едно повиско ниво.“

Иако сите заедно функционираат одлично на сцена, рокерот ни ја откри причианта зошто не формираат заедно бенд.

„Не би формирале бенд, затоа составот на овој начин кој повремено се случува помеѓу нас и неа е нешто екслузивно. Кога ќе се случи има поинаква цена и секако кога ќе има таков концерт, тоа е приказна која е ретка на овие наши простори. Таа и јас во 2019 година бевме прогласени за најдобри два рок вокали на Балканот, па според тоа, ова има своја тежина и ние тоа го правиме така. Мислам дека ова е неповторлива приказна. Вакви приказни постојат единствено на Западот.“ – поентираше Давид, па посочи дека вакво нешто ќе направи и со финалистот од минатата сезона на „Ѕвездите на Гранд“ – Александар Јосифовски.

„Она за што се подготвувам е тоа што такви приказна ќе правам и со Александар Јосифовски, кој беше мој суперфиналист. Моментално е во Америка, му благодарам на Бог, и работи многу сериозно и така што, на еден од следните концерти тука, ќе треба да го очекувате Александар Јосифовски со нас, а можеби и со Ивана, зошто да не. Па тоа ќе биде вистински празник од фантастична свирка, фантастично пеење од нас тројца, бидејќи јас Јосифовски го ставам тука некаде во рангот со нас, без никаква претенциозност и заљубеност, тој навистина е брутален пејач.“

Кога сме кај натпреварувањето „Ѕвездите на Гранд“, Ѓорѓе е убеден дека оваа година има сигурен финалист. Станува збор за кандидатка од Македонија, за која не ги штедеше пофалните зборови и за која уште сега почна да лобира.

„Нема да верувате, но повторно имам личност од Македонија. Ангелова Славица од Струмица. Таа е нешто ретко. Ова јас ви го кажувам сега, кога сме на вториот круг. Што се однесува лично до мене, единствено болеста може да ја одвои од финалето. За мене таа е личност која ќе оди во финалето. За мене таа е личност во мојот тим за која сигурно ќе се борам да дојде до финалето. Имам право на свои фаворити, имам право некој да го ставам на пиедесталот во својата група, одлучив тоа да биде таа, исклучиво од квалитативните пејачки причини.

Таа е мала темпирана бомба, која е неверојатна и да не биде дека не сум кажал на време - Македнија мора да се разбуди и Македонија мора ова мора да го сфати, како што го сфаќаат фудбалот, како што ја сфаќаат кошарката, така треба да ја сфатат и оваа малечка во натпреварувањето „Ѕвездите на Гранд“ оваа година, бидејќи ќе дојде до финалето, скоро па сум сигурен. Кога ќе се случи тоа, подгответе се, гласајте за неа, за влакно сте до тоа да го префрлите победникот од ова натпреварување оваа сезона кај вас, во вашата Македонија.“

За крај, посочи дека му е жал што соработката со Канал 5 и „Ѕвездите на Гранд“ завршила, и посочи дека токму од таа медиумска куќа во Македонија, сега има многу добар пријател и соработник.

„Мене искрено ми е жал што повеќе не се емитува на Канал 5, затоа што со Ведрана, особено со Вера Мештеровиќ имам сериозна дружба. Со Вера дури имам и сериозни деловни приказни. Вера Мештеровиќ е некој кој е задолжен за мене во Македонија по секое прашање. Пресериозна, преубава, преталентирана, превоспитана, преелоквентна и преобразована женска личност, јас мислам дека таа е заштитен знак на Македонија во секоја смисла на зборот. Поради тоа ми е прекриво што Канал 5 повеќе нема да го пренесува шоуто, но секако мојата поврзаност со Канал 5 поради овие две жени, особено поради Вера е огромна, така што јас и понатаму ќе останам верен на својот Канал 5.“

Ивана Мисајловска