Верските пости се одлична припрема на телото за пролетта: Нутриционистот Симона Коруновска за пролетното чистење на организмот

Пролетта асоцира на нови почетоци, на будење на се‘, па така најчесто и луѓето се будат од длабокиот зимски сон, а особено дамите кои најчесто токму напролет започнуваат со диети или планови за симнување на килограмите кои ги качиле за време на зимата.

На тема здраво намалување на телесната тежина, која храна е здрава и што е добро за нашето тело зборуваме со нутриционистот Симона Коруновска.

Таа е мајка на две деца и сопруга која обожава да си игра со своето кученце. Коруновска вели дека ја обожава природата, во слободно време пешачи, вози велосипед и вежба, а со нутриционизам активно се занимава скоро три години.

* Пролетта кај граѓаните е синоним за чистење на организмот, а особено кај дамите за намалување на килограмите, па постојано се бараат начини, особено на Интернет за намалување на килограмите. Професионално ќе ни откриете ли како е најдобро да се третира организмот пред пролетта? Со диети, детоксикација, нов начин на исхрана...?

- Најдобар начин да го подготвиме телото за пролетта е да започнеме со некаква физичка активност (ова може да биде и пешачење, возење велосипед), да си ја пиеме потребаната количина на вода, да вметнеме доволно протеин во исхраната (чија количина е секогаш индивидуална), да јадеме доволно растителни влакна (повеќе овошје и зеленчук).

Всушност, и верските пости се одреден начин на припрема на телото за пролетта со сезонска храна од растително потекло. 

* На Интернет се пласираат најразлични утрински напитоци за детоксикација на организмот, или за добар старт на денот, како нутриционист ќе споделите ли со нашите читатели со што е најдобро да го започнеме денот?

- Најдобар начин да се започне денот е со чаша вода. Во истата може да се додаде лимон, јаболков оцет или ѓумбир.  Напитоците кои што кружат на интернет често имаат тврдења кои што и не се научно потврдени.

* Што би им препорачале на сите оние кои не сакаат да вечераат, ама баш тој дел од денот им се јаде најмногу, со што да го заситат гладот?

- Од досегашното искуство со работа со клиенти можам да кажам дека оваа потреба за грицкање доаѓа заради прескокнување на оброци и недоволен внес на вода. Најчесто се јаде појадок, потоа има голема пауза каде што се прескокнува оброк, ручекот се јаде малку подоцна од што би требало, па кога ќе дојде време за вечера клиентот е се‘ уште сит од ручекот и одлучува да ја прескокне вечерата. И овде се донесува одлуката дека нешто треба да се грицка.

Би препорачала да се јадат редовно оброците, а ако се‘ уште навечер ја има таа желба за храна или глад, да се обидат да ја заситат со свежо овошје или зеленчук и шоља чај. 

* Најчест совет од страна на нутриционистите и фитнес инструкторите е пиењето на вода, односно пиењето на што повеќе течност во текот на денот. Колку вода треба да пие едно дете, колку возрасна личност - дневно?

- Кога станува збор за вода, јас правам пресметка на сите мои клиенти за приближната количината на вода треба да ја испијат во текот на денот, затоа што од досегашното искуство и оние клиенти кои што сметаат дека пијат доволно вода- не пијат доволно.

 Доста голем дел од водата всушност ја внесуваме преку исхраната, но најдобар показател за степенот на хидрираност е урината. Таа секогаш треба да биде бледо жолта боја. Ако е проѕирна значи дека консумираме премногу вода, а ако е темно жолта значи дека треба повеќе.

* Македонците важат за гурмани, нашата традиционална исхрана вклучува месо, скроб, јаглехидрати (најчесто домашно месени - топлички). За сите оние кои не можат да се откажат од овој начин на исхрана, како да направат баланс?

- Ние имаме многу вкусна кујна и на никој не би препорачала да се откаже од истата.

Треба само да се внимава на комбинациите на храна, односно во секој оброк да се вклучи свеж зеленчук и доволно протеин. Пример: ако јадеме парче пита, да вклучиме и кисело млеко и свеж зеленчук. На овој начин многу подолго ќе бидеме сити, а ќе ги задоволиме и сите нутритивни потреби. 

* Според вас како нутриционист која е најлошата комбинација на храна?

- Диетите кои препорачуваат избегнување на комбинирање на храна, всушност се темелат на прилично стари истражувања кога и немало толку многу податоци за нутриционизмот и дигестијата.  Нема да се случи ништо страшно ако јадеме компири и месо во ист оброк. Ако по одредени комбинации на храна имаме дигестивни тегоби, можеби има потенцијален дигестивен проблем.

Јас овде би сакала да ги набројам моите омилени комбинации: куркума и бибер, домат и маслиново, зелена салата и јајце, моркови и хумус, грчки јогурт и банана, овес со какао и портокал итн.

* Велат здравата исхрана е доста поскапа, факт е тоа или не?

- Здравата исхрана е всушност многу поекономична затоа што секогаш е сезонска, а сезонските продукти се со најниска цена и највисок нутритивен квалитет. На нашиот пазар има огромна понуда достапна за секој буџет.


* Зошто токму нутриционист, отсекогаш сте сакале тоа да биде ваша професија, или поради друга причина?

- Од како паметам за себе сум ја сакала грижата за другите и сум се обидувала да помогнам секогаш кога имам можност. Како нутриционист секојдневно имам прилика да им помогнам на сите кои сакаат да направат позитивна промена преку начинот на исхрана. Најголема радост ми носи моментот кога од клиент ќе слушнам дека сме успеале да ја подобриме здравствената состојба, да ја оставиме/намалиме терапијата (секако во консултација со доктор), или пак да ја постигеме посакуваната тежина.

Огромен бонус е што сите кои одлучуваат да направат ваква промена се луѓе со високо ниво на свест, кои се сакаат себе, сакаат да станат најдобрата верзија од себе и го сакаат животот. Едноставно, си ја обожавам професијата и никогаш не би ја заменила со ни една друга.

* За што бараат помош најчесто Македонците? (болест, намалување на тежина, или пак зголемување на телесната тежина....)

- Најчесто се бара помош за намалување на телесната тежина, подобрување на здравствени проблеми, подобар физички перформанс, а доста често и за покачување на телесна тежина. 

* Дали сакате да готвите, што најчесто?

- Обожавам да готвам! Но, никогаш не сакам да готвам ништо комплицирано (се смее). Секогаш сакам да готвам нешто ново, што е брзо, интересно и лесно за подготовка.

* Дали имате „Cheat meal day“? На што не можете да одолеете?

- Секогаш си го слушам телото и јадам секогаш што ми се јаде. Позитивно е што скоро никогаш не ми се јаде ништо нездраво затоа што секојдневно го применувам знаењето во моето мени, па сите нутритивни потреби ми се задоволени и немам специфична желба. Специфичните желби за одреден тип на храна често сигнализираат недостаток на некаков нутритивен дефицит.

Никогаш не можам да одолеам на тестенини! Ги обожавам во сите можни комбинации.


Наталија Миланова