Весна Петрова: За четири и пол месеци прележав Корона двапати, а моите деца трипати

Весна Петрова, професор во гимназијата „Георги Димитров“, мајка на две деца, која го води познатиот инстаграм профил @kidslovetraveling, го сподели своето искуство со Ковидот, со цел да ги предупреди останатите да бидат уште повнимателни и да не се опуштаат откако ќе го прележат вирусот.

– Патуваме низ светот и имаме цел да ги посетиме сите држави. Ковидот ни застана на патот. Се вакциниравме со првите достапни вакцини Синофарм и продолживме да патуваме. Во септември,само што почнаа училиштата со настава со физичко присуство, третата недела бев позитивна на вирусот. Неколку дена имав температура 39,5 степени Ц,исто така беа позитивни и моите деца и имаа многу лесна клиничка слика. Сопругот, кој не беше изолиран, немаше ниеден симптом – вели Весна и дополнува дека на почетокот на јануари била во контакт со својата внука, која била позитивна со новиот сој Омикрон и повторно се разболела.

- Поминав со полесни симптоми. Ме гребеше грлото и имав температура 37,5 степени Ц само еден ден. Децата повторно беа позитивни со лесна клиничка слика. Сопругот беше во контакт со нас и не разви ниеден симптом. Според логиката, сметавме дека има високо ниво на антитела и дека е безбеден, но не било така – појаснува Петрова.

На крај на јануари нејзиниот сопруг е позитивен, а вирусот го добива од непознат извор и завршува со тешка клиничка слика на кислородна поддршка во болница.

- Кај сопругот вирусот почнува сосема незабележливо, со благо поткашлување неколку пати во денот, без температура или било кој друг симптом. По неколку дена подмолно направи тежок облик на пневмонија. Тој е уште во болница. Децата по третпат добија корона. Кај нив вирусот траеше само еден ден. Имаа температура околу 37,5 степени Ц. Значи, тие во период од четири и пол месеци беа трипати позитивни, а јас двапати. – вели таа.

Петрова се надева на успешно заздравување на сопругот, а борбата со вирусот ќе биде само лошо искуство. Планираат патувања во нови држави, а престојот таму ќе биде пренесен преку фотографии на нејзиниот инстаграм профил kidslovetraveling, кој има 95.000 следачи.

Соња Алексоска Неделковска