ВЕСНА ПЕТРУШЕВСКА НАЈАВИ ВТОР ДЕЛ ОД КНИГАТА „ТРОФЕЈ“: Емотивните пораки од луѓето ме охрабрија да пишувам пак
Неверојатно е чувството кога добивате безброј пораки во кои луѓето ви кажуваат како се поистоветиле, дека секој напишан збор кај нив предизвикал смеа, солза, радост и тага. „Трофеј“ само ме охрабри да раскажувам и понатаму, затоа е неизбежно да се напише вториот дел
Актерката Весна Петрушевска најави второ продолжение од нејзината автобиографска книга „Трофеј“, која ја промовираше при крајот на 2016 година.
Трофеј значи живот,приказна за љубовта која не одржува низ нашето патешествие. -Весна
„Време е за втор дел“, напиша Весна на својот фејсбук-профил, откако објави дека нејзината издавачка куќа „Три“ го објави третиот тираж од првиот дел на „Трофеј“.
„Трофеј значи живот,приказна за љубовта која не одржува низ нашето патешествие. Неверојатно е чувството кога добивате безброј пораки во кои луѓето ви кажуваат како се поистоветиле, дека секој напишан збор кај нив предизвикал смеа, солза, радост и тага. „Трофеј“ само ме охрабри да раскажувам и понатаму, затоа е неизбежно да се напише вториот дел, пред сѐ затоа што чувствувам потреба и е неверојатно чувството кога пишувате. Како цела армија на емоции да минува без вас, адреналин, несоница која ја сонувате. Да пишуваш е да постоиш. Поради сето ова ќе има „ТРОФЕЈ 2“, ни изјави Весна.
Во книгата, таа сосема искрено пишува за своите деца, за распаѓањето на нејзиниот брак, за трагедијата што им се случи на нејзините родители, откако куќата до темел им изгоре во пожар.
Весна со Игор Џамбазов на Саемот за книга кој заврши завчера во Скопје
Книгата „Трофеј“ завршува со приказната „Сон“, која раскажува за непознат маж во кого Весна се вљубува.
„Денес кога ти одговарам на ова интервју немам ама баш никаква надеж дека ќе ми се случи нешто и да ме тресне од земја.Мојот багаж е претежок за некој партнер и просто не верувам во љубов повеќе. Замисли го кажав тоа. Престанав да сонувам на таа тема и се навикнав да бидам сама со себе. Велат дека храбрите можат сами, драпај си мевот велат старите,не е во ред да останеш сам. Јас знам дека заслужувам најдобро но не по секоја цена и секако без компромиси. Затоа и ја напишав „Трофеј“, да осветлам нечиј пат и да соопштам дека секому може се да се му се случи во животот“, изјави Весна во претходно интервју за Женски магазин како одговор на прашањето дали верува дека повторно ќе и се случи, нова, голема љубов.
М.Џаровска