(ВИДЕО) КАРОЛИНА ГОЧЕВА: ЌЕ ПЕАМ ВО ДВАТА НАЈУБАВИ АМФИТЕАТРИ
Каролина Гочева е среќна што по три години, повторно ќе одржи два концерти летово, на нејзините омилени места. На 10 август, „Авалон продукција“ закажаа концерт на Каролина и на бендот во нејзината Битола, на Хераклеа. Ден потоа, на 11 август настапуваат во Античкиот театар во Охрид. Поп-ѕвездата шоуто во својот роден град го најави со видео од последниот настап на Хераклеа од пред три години на кое го интерпретира хитот „Кој да ми запее“ во придружба на нејзината внука.
„ Како што најавивме пред некој месец, летово планираме повторно да ги посетиме двата можеби најубави објекти, и по три години, повторно да одржиме концерти. Последно, и во двата амфитеатри настапувавме во 2015 година“, ни изјави Каролина.
На охриѓани, таа им закажа средба уште во март, на концертот во салата „Билјанини извори“ . „Ветувам дека ќе се видиме летово повторно, на отворен простор“, ѝ рече Каролина на публиката. Поп-ѕвездата ќе ги пее хитовите од нејзиниот актуелен албум „Извор“, чии песни премиерно ги изведе на седумте концерти во МОБ во Скопје, во февруари и во март, но и песните од проектот „Македонско девојче“. По Скопје, турнеата на Каролина и на бендот продолжи во повеќе домашни градови.
(М.Џ.)
Фото: Лилика Стрезоска, Јована Зука