(Видео) Ова е приказната на хероината Сема која спаси 5-годишно девојче од Вардар!

Добивај вести на Viber

– Добар ден моето име е Сема, како може да ви помогнам? – вака ги пречекува пациентите, Сема Џеладини, вработена во кол-центарот на Клиничката болница Аџибадем – Систина, хероината која во петокот навечер околу 20 часот, жртвувајќи го својот живот во надојдените студени води на реката Вардар, помогна да се спаси животот на едно петгогодишно девојче, јави порталот Алмакос.

– Во петокот вечерта бев излезена на пауза околу 20 часот. Седнав на клупите, кои гледаат кон кејот на реката Вардар. По 10-15 минути, се изненадив кога слушнав извици. Се свртев кон кејот. Видов девојче, на возраст од околу пет години, како немаше контрола врз велосипедот, не можеше да закочи. И падна во реката Вардар – раскажува Сема.

За да го спаси девојчето, прва во Вардар се фрлила нејзината мајка. Сема увидела дека мајката, поради надојдените води, брзиот тек и длабочината не може да го извади девојчето надвор од реката. Таа притрчала од клупата за да помогне и се спуштила на работ од кејот.

– Девојчето беше многу испаничено, многу уплашено. Ми ја подаде раката за да ја спасам. Се бореше. Ја фатив за рака. Бидејќи работ беше многу лизгав, за да не ја испуштам од рака и јас заедно со неа влегов во вода – вели таа.

Сема сѐ уште се сеќава на извиците на девојчето, вели дека зборовите на малата ќе ги запамети цел живот.

– Дадо, дадо, те молам спаси ме, и ми ја подаде раката. Дадо, те молам не ме оставај. Не ме оставај да умрам. Те молам помогни ми, викало девојчето.

Откако Сема заедно со девојчето, со големи маки стасале до работ на кејот, на помош дошле и тројца мажи. Тие им помогнале на трите да излезат од реката, по што девојчето ја прегрнало Сема и така стигнале до Ургентниот центар на болницата, каде малечката била прегледана. За среќа, немала никакви повреди.

Сема вели дека повторно би го направила истото и дека во тој момент чувствувала само едно, дека мора да го спаси девојчето и не ни помислила на својот живот.