ВИДЕО: Што велат децата за децата на улица? Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат овие деца и како да се заштитат?

Добивај вести на Viber

Алтернативен детски извештај на Првата детска амбасада Меѓаши

Во рамките на изработката на „Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата во Македонија – од перспектива на децата“ на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, децата меѓу другото, ја истражуваа и темата „Деца на улица“.

Овој извештај е комплетно изработен од страна на деца од 12 до 17 години од повеќе градови низ Македонија, а истиот доаѓа како резултат на наодите од истражувањето за состојбата на правата на децата кое претходеше во периодот јуни-јули 2020 година, а во кое учествуваа повеќе од 1000 деца ширум земјата, но и врз основа на нивното лично искуство и искуството на своите врсници.

„Децата на улица“ е петтата тема која се обработува во извештајот, а децата на улица, се вели во извештајот, го поминуваат најголем дел од денот просејќи на улица, продавајќи ситни предмети или заработувајќи на друг начин. Тие се често малтретирани и понижувани, дискриминирани се и уценувани. На децата им се скратени основните човекови права. Тие немаат документи за идентитет, не одат во училиште, немаат слободно време и игра, не можат да се лекуваат кога се болни. Ниту нивните родители се во можност да им обезбедат соодветна грижа, ниту пак институциите и околината доволно се грижат! На овие деца треба да им се посвети повеќе внимание и грижа.

Кои се правата на децата за оваа значајна тема, со кои проблеми најчесто се соочуваат и кои се нивните препораки за подобрување на состојбите, погледнете во ова кратко, интересно видео.