ВИКЕНД ИНТЕРМЕЦО: Како настанале македонските хитови?
Секој рефрен има своја приказна. Уметниците гордо раскажуваат за своите дела, особено ако успеале да создадат песна која го надживеала времето во кое е создадена. Особено интересни се приказните кога хитовите првично им биле понудени на други изведувачи, но од различни причини не ги прифатиле. Рубриката „Викенд интермецо“ е серијал преку кој уживате во македонските хитови, но и дознавате како истите настанале. Изборот го прави Ѓорге Стојанов
„Ако не исчезнам“ (Маријана, Росана и Тоде)
Уште еден евергрин од музичката работилница на Тоде Новачевски, поранешниот сопруг на Маријана. Песната првпат е изведена во октомври 1989 година на „Макфест“.
- И „Признавам“ и „Ако не исчезнам“ се напишани како искрени пораки до таа која во тој период беше другата половина на мојот живот. Луѓето очигледно препознаваат искреност и затоа се пронаоѓаат во тоа. Во музиката и во текстот – изјави Новачевски во една прилика.
Пред четири години обработка на оваа тема снимија Кристина Арнаудова и Дарко Гелев – Брејк.