Виктор Николовски, татко на породилно: Не знаете што пропуштате, тоа е незаборавно искуство
По шест месеци од породувањето Катерина, сопругата на Виктор Николовски, добила можност за работно место што не се пропушта, па одлучиле ќеркичката да продолжи да ја чува тато.
Виктор ни го раскажа искуството на платено отсуство од работа, популарно познато како породилно боледување, со Ирина, која сега има две години. Тој е еден од 211. татковци што од 2012 година досега ја искористиле оваа можност наместо мајките и ги охрабрува оние што за двоумат во одлуката, пишува сајтот деца.мк.
Не размислував ниту секунда
– Сопругата доби шанса за работно место за кое сметавме дека не треба да го пропушти, па тогаш всушност и дознав дека постои опција јас да го искористам породилното отсуство. Сопругата беше со Ирина првите шест месеци, а јас продолжив на породилно отсуство останатите три месеци за да ги заокружиме законски пропишаните девет – вели Виктор.
Раскажува дека ниту една секунда не размислувал пред да одлучи да остане на боледувањето.
– Кога дознав за можноста сопругата да се врати на работа, веднаш почнав да ја убедувам дека тоа е тоа што треба да го направиме. Таа беше порезервирана, понеодлучна, но од денешен аспект воопшто не зажаливме. Беше супер искуство – објаснува.
Оригиналниот текст е на овој линк тука.